На заедничката прес-конференција со Ескобар, на крајот на дводневната посета на Приштина, Лајчак кажа дека неговиот мандат е да посредува во постигнувањето сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите на Србија и Косово.
„ЕУ сака Србија и Косово меѓу себе да одлучат како заемен однос сакаат да имаат, а ние ќе поддржиме сè што ќе договорат двете страни. Во рамки на дијалогот не се водат преговори за статусот на Косово, туку за односите на Србија и Косово“, кажа Лајчак.
Наведе дека ЕУ сака Србија и Косово да „свртат страница“, да го остават минатото зад себе и да ги нормализираат односите.
„Веруваме дека нормализацијата на односите на Србија и Косово не би ги решила само отворените прашања, туку дека би придонела на стабилноста на регионот и дека би донела многу конкретна корист на граѓаните кои се сигурно уморни од незивесноста“, додаде тој.
Словачкиот дипломат кажа дека тој и Ескобар во Приштина имале „многу продуктивни“ состаноци со лидерите на Косово и претставниците на опозицијата.
„Јасно наведовме на состаноците дека целосно ги почитуваме косовските принципи во дијалогот, интегритетот, уставниот поредок и функционалноста на Косово“, кажа Лајчак.
Кога станува збор за формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО), Лајчак кажа дека Косово е „еднаква страна во дијалогот“ и дека „ништо не може да ѝ биде наметнато“ на Приштина без нејзина согласност.
„Никој не сака нова Република Српска на Косово, она што е договорено мора да биде применето и тоа им го кажуваме на двете страни. Престанете да се плашите од нешто што не постои, никој нема ништо да ви наметне, Косово нема причина да се плаши од процесот на дијалогот со Србија“, кажа Лајчак.
Наведе дека неговата заедничка посета со Ескобар на Приштина и Белград е „потврда за најтесната можна соработка“ на ЕУ и САД и додаде дека нема конфликт на Брисел и Вашингтон за исходот на дијалогот.
Ескобар, заменик помошник на американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западниот Балкан, кажа дека САД „силно ја поддржуваат косовската независност“ и им препуштаат на двете страни да ги уредат односите.
„Тука сме да покажеме единство и посветеност на дијалогот и посветлата иднина на Србија и Косово. Имавме продуктивни состаноци и се надеваме дека на крајот ќе биде усвоено решение кое ќе им донесе корист и на Србија и на Косово“, кажа Ескобар.
Околу независноста на Косово, Ескобар изрази уверување дека сите земји од Западниот Балкан треба да бидат дел од ЕУ.
„Би сакале сите земји меѓусебно да се признаат и да имаат добри односи“, додаде тој.






