Висок извор близок до Хамнеи изјави за Ал Џарида дека бил префрлен со руски воен авион и дека бил успешно опериран по пристигнувањето и дека моментално се лекува во приватна болница во една од претседателските палати.
Според истиот извор, повредите на Хамнеи здобиени во американско-израелското бомбардирање на 28 февруари барале лекување во врвно опремена болница со постојан медицински надзор. Ваквите услови станале невозможни да се обезбедат во Иран поради постојаните воздушни напади, особено откако Израел објави дека новиот лидер ќе биде нивна цел.
Изворот објаснува дека иранските безбедносни служби особено се плашеле дека локацијата на Хамнеи може да биде откриена со следење на лекарите и специјалистите одговорни за неговото лекување. Поради оваа причина, препораката за лекување во Русија била прифатена, тврди изворот на кувајтскиот портал.
Изворот тврди дека рускиот претседател Владимир Путин лично предложил лекување на Хамнеи во Русија за време на телефонскиот разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан минатиот четврток. Иранските претставници, вклучувајќи го и самиот Хамнеи, внимателно го разгледале рускиот предлог и го прифатиле, тврди изворот.
Хамнеи бил префрлен во четврток вечерта, а руски лекари се грижеле за него со помош на неколку ирански колеги кои го придружувале, според кувајтскиот весник.
Во исто време, ирански извор близок до реформистите изјавил за Ал-Џарида дека постојат сериозни индикации дека првата порака што му се припишува на Хамнеи всушност ја напишал Али Лариџани, генералниот секретар на Врховниот совет за национална безбедност. Се наведува дека содржината на пораката е идентична со некои од претходните изјави на Лариџани.
Според овој извор, Хамнеи дури и не бил свесен за содржината на говорот, а фактот дека тој не се појавил јавно и нема аудио-снимка од неговиот говор дополнително ги зајакнува сомнежите.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наговести дека Израел има информации за локацијата и состојбата на Моџтаба Хамнеи, но не сака да ги открие. На прес-конференцијата минатиот четврток, како одговор на прашање за состојбата на новиот ирански лидер, Нетанјаху изјави: „Нема да му понудам животно осигурување“. Ова беше протолкувано како порака дека Тел Авив поседува посебни разузнавачки информации за Хамнеи.
Според извори во Ерусалим, израелската разузнавачка служба верува дека повредата на Хамнеи може да биде посериозна отколку што првично се мислеше. Сепак, тие додаваат дека Тел Авив нема потврдени информации за неговото заминување од Иран.
Ал-Џарида пред 11 дена објави дека Хамнеи е повреден на левата страна од телото, од глава до пети. Повредите биле предизвикани од шрапнели што паднале во негова близина, а не од директен удар, за време на нападот врз комплексот во Техеран каде што се наоѓа домот и канцеларијата на лидерот.






