Според две лица запознаени со ова прашање, САД јасно му ставиле до знаење на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Украина мора да ја прифати американската рамка за завршување на војната, според која Киев би предал дел од територијата и оружјето.
Порталот „Аксиос“ прв го објави документот од 28 точки, во кој се наведува дека Украина и нејзините европски сојузници ќе добијат американски безбедносни гаранции за возврат, додека Русија ќе добие делови од источна Украина врз кои во моментов нема контрола.
Кремљ изјави дека нема што да додаде на изјавите дадени на состанокот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Анкориџ во август.
„Не можеме да додадеме ништо ново на она што беше кажано во Анкориџ“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласувајќи дека во моментов нема формални консултации со САД за мировен план.
„Во моментов нема консултации. Секако, има контакти, но нема процес што би можел да се нарече консултации“, додаде тој.
На прашањето дали Путин е запознаен со „мировниот план од 28 точки“, Песков одговори: „Немам што да додадам на она што веќе е кажано“.
„Спогодбата мора да доведе до елиминирање на основните причини за конфликтот“, рече Песков.
Путин ја прикажува војната како пресвртница во односите на Москва со Западот, тврдејќи дека Западот ја понижувал Русија по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година со проширување на НАТО и посегнување по она што го смета за руска сфера на влијание, вклучувајќи ги Украина и Грузија.
Рускиот претседател бара Украина да се откаже од своите аспирации за членство во НАТО, да прогласи неутрален статус и да ја ограничи големината на своите вооружени сили.






