„Медведчук се маскирал во униформа па според него треба да се постапува во согласност со тоа“, кажа Зеленски во своето обраќање.
Украинската безбедносна служба соопшти синоќа дека го уапсила опозицискиот лидер Виктор Медведчук, кој беше во куќен притвор поради сомнеж за предавство, но избегал неколку дена пред руската инвазија.
„Ѝ предлагам на Руската Федерација да го замени своето момче за нашите момчиња и девојчиња во руско заробеништво“, кажа Зеленски.

Кремљ денес одговори на барањето на Зеленски за замена на Медведчук.
Во соопштението на Кремљ се наведува дека ќе го следат овој случај бидејќи од Киев доаѓаат голем број дезинформации и се критикува Украина за тоа што „прогонуваат човек поради неговите политички ставови“. Руските власти сугерираат дека не би се согласиле на размена на заробеници, бидејќи Медведчук е украински државјанин кој се наоѓа во Украина.
Кремљ реагираше и на забелешките на американскиот претседател Џо Бајден за геноцид, кажувајќи дека „категорично не се согласуваат“ со неговите коментари, додавајќи дека тоа е „неприфатливо од страна на претседател на САД, чија сопствена земја изврши злосторства од висок профил во поновата историја“.






