Портпаролот Дмитриј Песков рече дека не било кажано ништо многу надежно ниту има постигнато некаков напредок.
Песков ги информираше медиумите за разговорите со Украина одржани вчера во Турција и ги урна сите надежи за пресврт.
Вчера Русија соопшти дека има намера да ја намали својата воена активност во Киев и Чернихов, а Украина рече дека ќе размисли да стане „неутрална“ држава.
„Она што е позитивно е тоа што украинската страна барем конкретно почна да го формулира и да го става на хартија она што го предлага. Досега не успевавме да го постигнеме тоа“, рече Песков.
„Што се однесува на останатото, не можеме, така да кажеме, во моментов да речеме дека имало какви било пресврти, нешто мошне надежно“, рече тој, пренесе новинската агенција Интерфакс.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, пак, вчера по преговорите рече дека првата средба лице в лице меѓу двете страни во повеќе од две недели довела до најзначајниот напредок од почетокот на разговорите.






