На прес-конференција одржана во Кремљ, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, изјави дека вчерашниот напад на детската болница во Мариупол, за кој Украина ја обвини руската армија, е „информациски тероризам“. Истото го порача и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Русија претходно соопшти дека наводите на украинските власти за бомбардирањето на детската болница во Мариупол се „лажни вести“, бидејќи се работи за зграда на поранешно породилиште, кое уште порано било окупирано од армијата, пренесува Ројтерс.
„Вака настануваат лажните вести. На 7 март предупредивме дека болницата е претворена во воен објект. Многу е вознемирувачко што ОН ја шират оваа информација без проверка“, напиша на Твитер Дмитриј Пољански, првиот заменик постојан претставник на Русија во Обединетите нации.
Но Кремљ исто така соопшти дека „ќе ги провери информациите за нападот со своите сили“.






