петок, 12 декември 2025

Кралицата Елизабета 70 години сведок и учесник во историјата (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Кралицата Елизабета, која е на престолот од 1952 година, ја стекна титулата монарх со најдолг стаж во британската историја.

Претходно оваа година, Бакингемската палата објави список на славеничките настани планирани за летото, кои вклучуваат концерти, специјални церемонии, улични забави и дополнителен празник за јавноста.

Родена на 21 април 1926 година, Елизабета Втора го презеде престолот на 6 февруари 1952 година, по смртта на нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести.

Во 2015 година стана британски монарх со најдолг стаж, оставајќи го зад себе рекордот на кралицата Викторија, која на престолот седеше 63 години и седум месеци.

Нејзиното официјално крунисување беше одржано во Вестминстерската опатија на 2 јуни 1952 година.

Принцезата Елизабета од Јорк стана престолонаследничка кога нејзиниот стрико, кралот Едвард Осми, во 1936 година абдицираше, а таткото на Елизабета стана крал под името Џорџ Шести, што ја прави младата принцеза наследничка на 10-годишна возраст. Елизабета никогаш не одела во училиште, туку била подучувана дома.

Џорџ Шести, чија борба да го надмине пелтечењето беше прикажана во филмот „Кралевиот говор“ од 2010 година, ја освои нацијата кога одби да го напушти Лондон додека паѓаа бомбите во првите месеци од Втората светска војна.

Елизабета го следеше својот татко во давањето пример, приклучувајќи ѝ се на Помошната територијална служба во почетокот на 1945 година, со што стана првата жена член на кралското семејство што им се придружила на вооружените сили како активен член со полно работно време. Во 1945, на 18 години, се обучи како возач на камион и механичар.

На својот 21. роденден таа им го посвети својот живот на нацијата и Комонвелтот, доброволно здружение на држави што израснаа од Британската империја.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=QoozNEVeqpU autoplay:0]

„Изјавувам пред сите вас дека целиот мој живот, без разлика дали е долг или краток, ќе ѝ биде посветен на вашата служба и на службата на нашето големо царско семејство на кое сите му припаѓаме“, рече таа во радиообраќањето што се емитуваше низ целиот свет.

Филип Маунтбатен и принцезата Елизабета официјално ја објавија својата свршувачка во јули 1947 година, а се венчаа во Вестминстерската опатија на 20 ноември 1947 година.

Кралицата и Филип имаа две деца, принцот Чарлс и принцезата Ана, пред таа да го преземе престолот. Тие добија уште две деца, принцот Ендрју и принцот Едвард, откако таа стана кралица. Имаа осум внуци и 10 правнуци.

Принцот Филип почина на 9 април 2021 година на 99-годишна возраст.

Елизабета е првиот британски монарх што го доживеал платинестиот јубилеј, што значи 70 години на престолот.

Елизабета Втора е светски владетел што најмногу патувал – посетила повеќе од 110 земји, но никогаш не користела пасош бидејќи го нема. Таа е и единствената личност на која ѝ е дозволено да вози без возачка дозвола во Британија.

Нејзината прва официјална посета беше во Западна Германија во 1965 година, прва посета на британското кралско семејство од 1913 година.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=3A0Ti9iizu0 autoplay:0]

Се проценува дека на 29 јули 1981 година, околу 750 милиони луѓе во 74 земји ја следеле свадбата на принцот Чарлс и принцезата Дајана во катедралата Сент Пол во Лондон.

Елизабета во 1986 година стана првиот британски монарх што ја посетил копнена Кина.

Кралицата и кралското семејство добија јавни критики по смртта на принцезата Дајана во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година. Елизабета одби да дозволи знамето над Бакингемската палата да се спушти на половина копје или таа да ѝ се обрати на ужалената нација за мошне саканата принцеза. Меѓутоа, набргу го промени ставот за знамето, поздрави голем број ужалени и одржа ретко телевизиско обраќање.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=D-RaDWh2kiE autoplay:0]

Некои меѓународни настани од големо значење за време на владеењето на кралицата се Суецката криза од 1956 година, Кубанската ракетна криза од 1962 година, Шестдневната војна од 1967 година, слетувањето на Месечината во 1969 година, Иранската револуција од 1979 година, падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и распадот на Советскиот Сојуз во 1991/1992 година. Договорот од Мастрихт, геноцидот во Руанда во 1994 година, изборот на Нелсон Мандела за претседател во 1994 година, нападите на 11 септември 2001 година и пандемијата на коронавирусот во 2020 година.

Кога Елизабета Втора се искачи на престолот во 1952 година, претседател на СССР беше Јосиф Сталин, а САД беа под водство на претседателот Хари Труман.

Од тогаш до денес Велика Британија смени 14 премиери, од Винстон Черчил до Борис Џонсон. Елизабета се сретна со 13 претседатели на САД.

Деведесет и четиригодишната монархиња е владетел во 15 земји на Комонвелтот, вклучувајќи ги Австралија, Канада, Нов Зеланд, Антигва и Барбуда, Бахамите, Белизе, Гренада, Јамајка, Папуа Нова Гвинеја, Сент Луција, Соломонските Острови, Сент Китс и Невис, Сент Винсент и Гренадини и државите надвор од Комонвелтот – Гибралтар, Фолкландските Острови, Бермудите и Кајманските Острови.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=02wDpAeb-9M autoplay:0]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ