недела, 29 март 2026

Косово: Украина е првиот фронт, Балканот е вториот фронт и ние сме на првата линија на овој втор фронт

Објавено на

часот

Сподели

Додека едно повикуваат на воведување санкции на Русија, други бараат седница на советот за безбедност. На Косово воедно се слушаат и повици поради новонастанатата ситуација во Украина да се прераспредели буџетот за јакнење на безбедносните сили, за да се „заштити северот на Косово“.

Косовското министерство за надворешни работи јасно даде до знаење дека стои со Украина против „директната агресија на Русија“. „Путин повторно се бори против мирната демократија. Тој со години води хибридни војни против демократиите низ Европа. Слободниот свет мора решително да му одговори на Путин и на неговите претставници“, се наведува во соопштението на косовското министерство.

За украинската криза се зборуваше и на вчерашната седница на косовското собрание. Пратеникот на ПДК, Енвер Хоџај, кажа дека поради „историјата и праведноста“ на Косово, би требало да бидат солидарни со Украина и нејзиниот народ „кој ги брани својата слобода и својата независност“.

Хоџај ситуацијата во Украина ја поврза со Западниот Балкан, односно со Косово. „Украина е првиот фронт, Балканот е вториот фронт и ние сме на првата линија на овој втор фронт на Балканот“, кажа тој на седницата и ја повика косовската влада да го свика советот за национална безбедност.

Слична порака испрати и пратеникот на Самоопределување и претседател на собранискиот одбор за надворешни работи Хаки Абази, со констатација дека Западот се подготвува за нови санкции на Русија. Абази кажа и дека Србија ја „користи истата тактика“ како Русија и ги повика приштинските институции да бидат внимателни.

„Имајќи сосед како Србија која ја користи истата тактика на загрозување на територијалниот интегритет и ги копира постапките на Русија, постои итност нашите безбедносни институции заедно и внимателно да ја согледаат и следат ситуацијата со која се соочуваме. Моето барање е во оваа деликатна ситуација да бидеме единствени во соочувањето со кризата која може директно и индиректно да влијае на нас и регионот“, кажа тој.

Поранешниот градоначалник на Јужна Митровица Агим Бахтири кажа дека Србија од 1999 година „практично е во состојба на готовност да го припои северот на Косово“, но дека секогаш „чека појава на нови геополитички ситуации кои би ѝ оделе во прилог“.

„По окупацијата на дел од Украина од страна на Русија, нејзиниот сојузник на Балканот, на чело со (претседателот на Србија Александар) Вучиќ, изгледа не е спремен да го одржи мирот во нашиот регион“, порача Бахтири. Тој дури апелираше до косовската влада да ги прекине сите капитални инвестициски проекти и целосно да го прераспредели буџетот за „вооружување на војската на Косово“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ