сабота, 14 јуни 2025

Кошта: Потребно е намалување на тензиите на северот на Косово за ЕУ да ѝ ги укине казнените мерки на Приштина

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денес во Приштина изјави дека е потребно да се намалат тензиите во регионот и на северот од Косово за да може Европската унија да ги укине казнените мерки против Косово.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Како што знаете, овие мерки се поврзани со потребата од намалување на тензиите во регионот и на северот од земјата. Се надевам дека деескалацијата ќе се случи што е можно поскоро. По деескалацијата, можеме да продолжиме напред и да ги укинеме мерките“, рече Кошта на заедничката прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи.

ЕУ му воведе казнени мерки на Косово во 2023 година, по ескалацијата на тензиите на северот, и сè уште ги држи во сила со образложение дека Косово сè уште не направило доволно за да ја смири ситуацијата во општините со мнозинско српско население на северот.

Кошта го нарече проширувањето на ЕУ на Западен Балкан „најголемата геополитичка инвестиција“.

„Ова е одлична можност за Западен Балкан и од суштинско значење е да се продолжи со агендата на реформи и да се искористат нејзините придобивки. Нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е во интерес на граѓаните и овој процес е од витално значење за вашиот пат кон Европската Унија“, кажа Кошта.

Оваа посета се случува во време кога косовските лидери ги интензивираат своите апели до Европската Унија за укинување на казнените мерки воведени по тензиите на север.

Кошта денес пред пладне престојуваше во Црна Гора, додека еден ден претходно ги посети Србија и Босна и Херцеговина.

Утре тој ќе престојува во Албанија и ќе учествува на самитот на европската политичка заедница, што се одржува во Тирана.

Курти побара целосно и итно укинување на рестриктивните мерки

За време на посетата на Приштина, Кошта ќе се сретне и со техничкиот премиер Аљбин Курти.

Курти оцени дека Косово е европско во однос на вредностите, историјата и културата и е целосно посветено на тоа да стане членка на Европската Унија.

Како што соопшти косовската влада, Курти за време на средбата со Кошта изјави дека поминале речиси две и пол години откако Косово аплицирало за членство во ЕУ и побара од Кошта да игра активна улога во поднесувањето на прашалникот и доделувањето статус на кандидат за членство.

Тој, исто така, побара целосно и итно укинување на рестриктивните мерки на ЕУ кон Косово, се додава во соопштението.

Тој спомна дека, според меѓународни организации како што се Фридом хаус, Транспаренси интернешнл и Проектот за светска правда, Косово постигнало најголем напредок во владеењето на правото, борбата против корупцијата, редот и безбедноста, дека, според Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, има најбрзорастечка економија во регионот и дека Косово е први на време ја доставило Агендата за реформи во рамките на Планот за раст на ЕУ.

Курти нагласи дека Косово постигнало напредок во исполнувањето на реформите, што е потврдено и во извештаите на ЕУ за напредокот на Косово.

За време на разговорот, се разговарало и за регионалната безбедност. Курти оцени дека заканите за регионот доаѓаат од Србија, која е одговорна за „паравоениот и терористички напад во Бањска во септември 2023 година“, како и за нејзините континуирани врски со Руската Федерација. Курти повторно побара (Милан) Радоичиќ да биде предаден на судските институции на Косово, се наведува понатаму во соопштението на владата на Косово.

На состанокот, Курти изразил загриженост и за кршењето на правата на Албанците во Прешево, Медвеѓа и Бујановац.

„Албанците во Прешевската долина се недоволно застапени во јавните институции, дискриминирани при вработување, а нивните права постојано се занемаруваат“, оценил тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ