Контејнерот со 29.000 гумени патки, желки, дабари и жаби тргнал од Хонг Конг кон САД. Наместо на дестинацијата, товарот во јануари 1992 година поради бура завршил во морето.
Силните бранови и ветрови ги истуркале играчките кон бреговите низ целиот свет, на патувања подолги отколку што нивните производители некогаш си замислувале.
Луѓето што шетале по плажите ги собирале и постепено патувањата на пластичните играчки за бањање го привлекле вниманието на научниците.
Времето што им било потребно на играчките да стигнат до различни делови на светот и маршрутите што ги поминале дале многу неочекувани сознанија за океанските струи.
Американскиот океанограф Кертис Ебесмајер го презел водството во студиите, откако неколку години претходно собрал податоци од сличен бродолом.
Кога над 60.000 патики на „Најк“ завршиле во морето, а потоа отпловиле кон западниот брег на САД и Канада, тој ангажирал мрежа капачи да пријават што пронашле.
Тие, исто така, го контактирале и кога ги откриле гумените патки, следејќи го нивното потекло преку заштитниот знак на производителот.
„Несреќата со гумените животни им донесе на научниците вистинска ризница од податоци“, вели Јохана Баер, океанографка од Универзитетот во Хамбург.
„Со еден потег се обезбедени илјадници податоци – во нормални услови вие никогаш не би фрлиле во морето толку научни мерни инструменти одеднаш.“
Идејата за истражување на океанските струи со помош на пловечки уреди е далеку од нова.
„Употребата на пловки е еден од најстарите методи за морско истражување“, вели океанографот Јерг-Олаф Волф од Универзитетот Олденбург.
Во далечната 1864 година, истражувачот Георг фон Нојмаер од Германската поморска опсерваторија во Хамбург фрлил шише со порака во морето додека пловел од ‘ртот Хорн.
Неговото писмо барало од наоѓачот да пријави каде и кога е пронајдено шишето.
Тоа стигнало до Австралија. „Тоа било пред повеќе од 150 години и помогнало подобро да се разберат големите океански струи“, вели Волф.
Денес, научниците користат уреди опремени со ГПС за да снимаат прецизни податоци за температурите, соленоста на водата или воздушниот притисок, кои се емитуваат преку сателитите.
„Има уреди што од површината тонат до длабочини од 1 и 2 километри, собирајќи податоци, и потоа се враќаат на површината“, вели Волф.
Податоците обезбедени од флотите гумени играчки биле многу помалку прецизни.
„Но тоа е подобро од ништо, особено затоа што податоците се собрани бесплатно“, вели тој, истакнувајќи дека високата цена на дигиталните мерни уреди значи дека е невозможно да се користат во толку голем број.
Патките, дабарите и жабите најпрво кружеле спротивно од стрелките на часовникот во северната пацифичка струја, од Ситка кај брегот на Алјаска, долж Алеутските Острови, крај полуостровот Камчатка, и на крај се вратиле преку Тихи Океан кај западниот брег на САД до Алјаска.
Во 1994, 1998, 2001 и 2003 година Ебесмаер добил извештаи за наодите од Ситка, што укажува дека некои од играчките направиле по неколку круга.
Други „побегнале“ од вителот и стигнале до Хаваите и Австралија.
„Можеби едно од највозбудливите откритија е тоа што играчките отталкале од Тихи Океан до Северен Атлантик“, вели Баер.
„Тоа го имаа предвидено соодветни модели, но животните докажаа дека тоа навистина може да се случи.“
Собирачите на предмети на плажа сè уште наоѓале играчки во раните 2000-ти на источниот брег на САД, како и во Шкотска и Англија.
Научниците велат дека тие отпловиле на север низ Беринговиот теснец во Арктички Океан, стигнувајќи до Гренланд, иако останува нејасно дали биле замрзнати во мразот или „седеле“ на ледените пловки.
„Оваа рута беше интересна потврда дека таму постои површинска струја што преминува толкава далечина“, вели Волф.
Неочекувани откритија
Тој користел пловки за да истражи како се дистрибуира отпадот во Северно Море, како дел од интердисциплинарен тим формиран во 2016 година.
Тие фрлиле 65.000 мали дрвени пловки во Северно Море, означени со број и барање да се пријави нивното откривање со детали за местото и времето.
Овој проект, исто така, дал неочекувани сознанија за фактот дека струите во Северно Море може да се променат под одредени услови.
„Ненадејно добивме извештаи од Англија што покажаа дека дрвените пловки повеќе не пливаат спротивно од стрелките на часовникот како и обично, туку во правец на стрелките на часовникот“, вели Волф. Научниците не знаеле дека ова е можно.
Ваквите студии може да обезбедат подобро разбирање за дистрибуцијата на пластичниот отпад со цел да се развијат начини за справување со него.
Употребата на пловечки инструменти, исто така, може да даде податоци за развој на метеоролошки модели и на крај да ги подобри прогнозите, како и предвидувањата за децениите што доаѓаат, со оглед на климатските промени, вели Баер.
Засега, не е јасно што се случило со гумените играчки што не се пронајдени.
Волф верува дека такви веќе нема во морињата.
По 30 години ветер, бранови и УВ-зрачење, гумените патки и жаби веројатно се претворени во микропластика.
Баер, сепак, вели дека неколку играчки можеби сè уште се таму некаде, можеби замрзнати во мраз, и дека може да се појават.
„Гумените патки имаат застрашувачки долг животен век, како и секоја пластика што се врти во морето“, вели таа.






