понеделник, 15 декември 2025

Комисија на СЗО: Високите температури повеќе не се климатска закана, туку здравствена криза

Екстремните временски услови што ја погодуваат Европа и Централна Азија повеќе не се само климатски, туку и сериозен проблем на јавното здравје, предупреди Паневропската комисија за клима и здравје во отворено писмо до владите и здравствените власти на 53 земји-членки на европскиот регион на Светската здравствена организација.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Комисијата наведува дека европскиот регион доживува сè почести, интензивни и смртоносни топлотни бранови. Последиците често се скриени во статистиката под причини како што се срцеви удари, мозочни удари или респираторни проблеми, но причината, велат тие, е јасна. Постарите лица, лицата со попреченост, бремените жени, малите деца, работниците на отворено и оние што живеат во лошо изолирани станови се особено изложени на ризик.

Смртните случаи поврзани со високите температури се зголемија за 30 проценти во последните две децении, а само во 2022 и 2023 година, повеќе од 100.000 смртни случаи поврзани со високите температури се регистрирани во 35 европски земји. Јуни 2025 година беше најжешкиот месец регистриран во Западна Европа, со два силни топлотни бранови што пристигнаа пред врвот на летото. Климатските промени, предупредуваат, шират и болести што некогаш беа ретки – случаите на локално пренослив вирус на денга во ЕУ/ЕЕО се зголемија за 368% помеѓу 2022 и 2024 година.

Топлотните бранови предизвикуваат пораст на прием на пациенти, особено со кардиоваскуларни, респираторни и бубрежни проблеми. Менталното здравје е исто така засегнато – спиењето е полошо, анксиозноста се зголемува и когнитивната функција ослабува. Лицата со ментални заболувања се особено ранливи бидејќи некои лекови го отежнуваат регулирањето на телесната температура. Во исто време, здравствените работници се исто така изложени на исцрпеност и прегревање, а системите за ладење и ИТ инфраструктурите во болниците честопати откажуваат.

Комисијата нагласува дека акционите планови во случај на екстремна топлина спасуваат животи и дека тие треба итно да се спроведат, а не за неколку години.

Загадувањето на воздухот предизвикува повеќе од половина милион предвремени смртни случаи годишно во европскиот регион, главно од согорување на фосилни горива. Намалувањето на емисиите значи почист воздух и помалку смртни случаи – глобално, би можеле да се спасат повеќе од 5 милиони животи.

Зголемувањето на зелените површини во градовите ја намалува изложеноста на топлина, го подобрува менталното здравје и ги намалува сметките за енергија. Се проценува дека зголемувањето на зелените површини во градовите за 30% би можело да ги намали смртните случаи поврзани со топлината и до 40%.

Комисијата вели дека ваквите мерки се паметни инвестиции и повикува на редефинирање на економските индикатори за успех за во средиштето да се стават здравјето, благосостојбата, праведноста и одржливоста.

„Не можеме да го „аутсорсаме“ нашето здравје – ниту нашето ниту здравјето на планетата. И двете се непроценливи и двете се во опасност“, се вели во писмото потпишано од 14 членови на Комисијата, вклучувајќи поранешни премиери, министри и водечки меѓународни експерти.

Паневропската комисија ја свика регионалниот директор на СЗО за Европа д-р Ханс Анри П. Клуге со цел да ги собере експертите за клима и здравје од целиот регион за да се предложат смели решенија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ