недела, 21 декември 2025

Колера во Судан: 40 мртви за една недела, болниците се пред колапс

Најлошата епидемија на колера во Судан во последните години одзеде најмалку 40 животи за само една недела, предупредува медицинската хуманитарна организација Лекари без граници. Стуацијата е толку критична што преоптоварените медицински центри ги лекуваат пациентите на душеци на под, додека двегодишната граѓанска војна дополнително го поттикнува ширењето на болеста, пишува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Силвен Пенико, координатор на проектот на Лекари без граници во Тавила, во државата Северен Дарфур, истакнува дека семејствата во камповите за раселени лица и бегалци честопати немаат друг избор освен да пијат контаминирана вода, што е главната причина за колера.

„Само пред две недели, тело беше пронајдено во бунар во еден од камповите. Беше отстрането, но во рок од два дена луѓето беа принудени повторно да пијат од истиот извор“, рече Пенико, сликовито опишувајќи го обемот на кризата.

Епидемијата на колера во Судан за прв пат беше потврдена од Федералното министерство за здравство пред една година, во август 2024 година. Оттогаш, регистрирани се повеќе од 99.700 сомнителни случаи и над 2.470 смртни случаи. Болеста се шири незапирливо додека луѓето бегаат од конфликтот, а ситуацијата се влошува од обилните дождови што ги контаминираат изворите на вода и ги преоптоваруваат канализациските системи.

Африканските центри за контрола и превенција на болести предупредуваат дека од мај оваа година, дури 60% од глобалните случаи на колера и 93,5% од поврзаните смртни случаи се регистрирани во Африка. Најпогодените земји, покрај Судан, се Демократска Република Конго и Јужен Судан.

Тимовите на Лекари без граници во Тавила лекуваа повеќе од 2.300 пациенти само минатиот месец. Нивниот болнички центар со капацитет од 130 кревети морал да прими дури 400 пациенти во првата недела од август. Околу 380.000 луѓе пристигнале во тој мал град од април, бегајќи од борбите околу Ел Фашер.

Иако Светската здравствена организација препорачува минимум 7,5 литри вода по лице дневно, жителите на Тавила преживуваат со просечно три литри. Лекари без граници велат дека недостатокот на вода низ целиот Дарфур го прави „невозможно да се почитуваат основните хигиенски мерки, како што е миењето на садови и храна“.

„Здравствените центри се полни“, вели Самија Дахаб, жителка на кампот Оташ во Јужен Дарфур. „Некои области имаат вода, други имаат киосци кои се далеку или празни. Некоја вода е солена и ја пиеме неварена, несигурни дали е безбедна“.

Туна Туркмен, раководителка на мисијата на Лекари без граници во Судан, нагласува дека ситуацијата е „повеќе од итна“ и дека заразата „сега се шири далеку надвор од камповите за раселени лица, на многу места низ државите Дарфур и пошироко“. Кризата се прелева во соседните земји, при што во Чад се пријавени 16 смртни случаи и 288 инфекции во втората недела од август.

Туркмен апелираше за итен меѓународен одговор за да се обезбеди здравствена заштита, да се подобри водоснабдувањето и санитарните услови и да се започнат кампањи за вакцинација. „Преживеаните од војната не смеат да бидат оставени да умрат од болест што може да се спречи“, предупреди таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ