„Број 1 меѓу најпродаваните книги „Дневникот на еден затвореник“ достигна 98.610 продадени примероци само неколку дена откако се појави во книжарниците. Феноменален број 1“, соопшти издавачката куќа во соопштение на мрежата Икс, врз основа на податоци од Институтот Ниелсен Ај-кју ГФК за литературниот пазар, пренесува БФМ.
Делото од 216 страници, кое е во продажба од 10 декември, е објавено точно еден месец откако поранешниот шеф на француската држава беше ослободен под судски надзор после престојот во парискиот затвор Ла Санте од 21 октомври.
Саркози започна кампања за промоција на својата книга, првенствено во Париз, Марсеј и Ментон.
Во книгата, 70-годишниот Саркози вели дека неговиот цврст став што го имал кон криминалот добил сосема нова перспектива откако беше осуден за нелегално финансирање на претседателската кампања во 2007 година со пари од Либија.
Судот во септември му изрече казна затвор во траење од пет години, но тој поднесе жалба и беше пуштен на слобода под судски надзор по само 20 дена зад решетки. Книгата дава редок поглед во животот внатре во ѕидовите на парискиот затвор Ла Санте, каде што Саркози бил држен во самица и строго изолиран од другите затвореници од безбедносни причини.






