Иако претседателските избори се за две години, на Филипините, каде што политиката во голема мера се базира на личноста на кандидатите, подготовките за изборите често започнуваат години однапред. Маркос не може повторно да се кандидира, а неговите сојузници сè уште не номинирале противник на Сара Дутерте, која е и ќерка на неговиот претходник, поранешниот претседател Родриго Дутерте.
„Го нудам мојот живот, мојата сила и мојата иднина во служба на нашата нација“, рече потпретседателката. „Јас сум Сара Дутерте. Ќе се кандидирам за претседател на Филипините.“
Маркос и Дутерте се кандидираа на заедничка листа на изборите во 2022 година и остварија убедлива победа. Сепак, нивниот сојуз наскоро се распадна поради спротивставени политички интереси. Раздорот драматично ескалираше во март минатата година, кога Маркос му дозволи на Меѓународниот кривичен суд да го уапси таткото на Сара. Родриго Дутерте сега е во притвор во Хаг, чекајќи судење за злосторства против човештвото поради неговата насилна војна против дрогата.
Два месеци подоцна, на парламентарните избори што се сметаа за знак на поддршка за актуелната влада, победија кандидатите поддржани од семејството Дутерте, а не оние избрани од Маркос. Пред нешто повеќе од една недела, католички свештеници поднесоа барање за импичмент на потпретседателката поради наводна корупција, обвинение што таа го негира.
Сара е најстарата ќерка на Родриго Дутерте и многумина ја сметаат за негова политичка наследничка. Нејзиниот татко еднаш ја опиша како „алфа“ во семејството, личноста што сите ја следат.
Таа беше потпретседателка на својот татко кога тој го водеше градот Давао во 2010-тите. Во јужната метропола, семејството Дутерте изгради репутација за бескомпромисна борба против криминалот, што го оправдаа како неопходност за да се зачува безбедноста на граѓаните и да се поттикне економскиот раст.
Таа го привлече националното внимание кога удри судски извршител во Давао пред телевизиските камери, бранејќи ги жителите на сиромашните населби.
Таа беше градоначалник на Давао за време на претседателствувањето на татко ѝ од 2016 до 2022 година, а нејзиниот сојуз со Маркос на изборите во 2022 година беше клучен за нивната победа.
Како и нејзиниот татко, потпретседателката негува имиџ на цврса рака. Таа вози големи мотоцикли и им дала на своите деца прекари како Шарки, Стоунфиш и Стингреј. Таа, исто така, дели исти тетоважи како своите двајца браќа.






