Повод за ескалација на тензиите меѓу Пекинг и Токио беше изјавата на новата јапонска премиерка Санае Такаичи дека кинески напад врз Тајван би претставувал закана за Јапонија, сигнализирајќи можен воен одговор. Кина побара од Токио да ја повлече таа изјава и им препорача на граѓаните да не патуваат во Јапонија. Кинезите ја прифатија препораката и почнаа масовно да ги откажуваат патувањата, што би можело да нанесе сериозен удар на јапонската економија.
Само пред неколку месеци, Пекинг делумно ги ублажи ограничувањата за увоз на јапонска морска храна што ги воведе поради одлуката на Токио да испушти пречистена отпадна вода од нуклеарната централа Фукушима во океанот во 2023 година. Во 2013 година, нуклеарната централа беше сериозно оштетена во цунами.
Во јуни, Кина објави дека ќе продолжи со увоз на јапонска морска храна од 37 јапонски префектури и ќе ја забрани од преостанатите десет. Пекинг, според неименувани извори за јапонската новинска агенција Кјодо, го објасни повторното воведување на забраната со потребата од продолжување на следењето на водата што се испушта од нуклеарната централа.
Кинеското Министерство за трговија и Царинската управа не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за извештајот на јапонската новинска агенција, а ниту претставниците на јапонското Министерство за земјоделство, шумарство и рибарство не беа веднаш достапни за коментар.
Владата во Токио порача дека изјавите на премиерката во парламентот се во согласност со ставот на владата, што сугерира дека нема знаци за напредок во дипломатскиот спор, забележува Ројтерс. Повторното воведување на кинеската забрана ќе биде болен удар за многу јапонски компании кои сакаат да се вратат на пазарот на азискиот гигант. Кина некогаш сочинуваше повеќе од една петтина од вкупниот јапонски извоз на морска храна.
Речиси 700 јапонски извозници поднеле барање за повторно пријавување на своите пратки во Кина, изјави вчера јапонскиот министер за земјоделство, Нориказу Сузуки, за новинарите, но досега се одобрени само три. Пред забраната од 2023 година, Кина беше најголемиот купувач на јапонски школки и голем увозник на морски краставици.






