Покрај тоа, властите велат дека на мапите се „испуштени важни острови“ во Јужното Кинеско Море, каде што територијалните претензии на Пекинг се преклопуваат со оние на соседните земји, вклучувајќи ги Филипините и Виетнам, објави Би-би-си.
Според официјално објаснување, „проблематичните“ мапи не може да излезат во продажба бидејќи „го загрозуваат националното единство, суверенитетот и територијалниот интегритет“ на Кина.
Географските мапи се чувствителна тема за Кина и нејзините ривали, особено кога станува збор за гребени, острови и заливи во Јужното Кинеско Море.
Кинеската царина соопшти дека спорните мапи не ја прикажуваат таканаречената линија со девет цртички, со која Пекинг полага право на речиси целото Јужнокинеско Море. Линијата се протега стотици милји јужно и источно од најјужната кинеска провинција Хајнан.
Запленетите мапи исто така не ја прикажуваа поморската граница меѓу Кина и Јапонија. Властите додадоа дека мапите погрешно ја означуваат „покраината Тајван“, но не прецизираа во што се состои грешката.
Кина го смета Тајван за своја територија и не ја исклучува можноста за употреба на сила за да го стави под своја контрола. Тајван, од друга страна, се смета себеси за независен од континентална Кина, со свој устав и демократски избрано раководство.
Тензиите во Јужното Кинеско Море повремено ескалираат, а најновиот инцидент се случи за време на викендот, кога се судрија кинески и филипински брод.
Манила го обвини кинескиот брод дека намерно се судрил во филипинскиот брод и употребил воден топ. Пекинг, сепак, тврдеше дека инцидентот се случил откако филипинскиот брод ги игнорирал повторените предупредувања и „опасно се приближил“ до кинескиот брод.
Филипините и Виетнам се исто така исклучително чувствителни на прикажувањата на Јужното Кинеско Море на мапите. Филмот „Барби“ од 2023 година беше забранет во Виетнам и цензуриран на Филипините токму поради сцена на која е прикажана мапа со линија од девет цртички.
Во изјавата на кинеската царина не е прецизирано каде требало да се извезат запленетите мапи. Запленување на „проблематични мапи“ не е невообичаена практика во Кина, иако оваа пратка во Шандонг далеку ги надминува претходните случаи.
Стоката што не поминува царинска инспекција обично се уништува. На пример, во март, царинските службеници на аеродромот Кингдао запленија 143 поморски карти со „очигледни грешки“ во прикажувањето на националните граници, додека во август, две карти со „неправилно нацртана“ тибетска граница беа запленети во покраината Хебеј.






