Тајван соопшти дека ги става своите сили во состојба на готовност и ја нарече кинеската влада најголем уништувач на мирот.
„Целните воени вежби на Комунистичката партија на Кина дополнително ја потврдуваат нејзината природа како агресор и најголем уништувач на мирот“, се вели во посебно соопштение.
Портпаролот на кинеската војска, Ши Ји, рече дека вежбите ќе се спроведуваат во Тајванскиот теснец и областите северно, југозападно, југоисточно и источно од островот.
Ши рече дека активностите ќе се фокусираат на патроли за борбена готовност во поморско-воздушниот простор, „заедничко постигнување на сеопфатна супериорност“ и блокади на клучните пристаништа.
„Тоа е строго предупредување против сепаратистичките сили за независност на Тајван и силите за надворешно мешање и тоа е легитимна и неопходна акција за заштита на суверенитетот и националното единство на Кина“, додаде тој.
Вежбите ги зголемија тензиите од двете страни.
Портпаролката на претседателот на Тајван, Карен Куо, изјави дека операцијата ја поткопува стабилноста и безбедноста на Тајванскиот теснец и Индо-пацифичкиот регион и отворено го предизвикува меѓународното право и ред.
„Нашата земја остро ги осудува кинеските власти за непочитување на меѓународните норми и користење на воено заплашување за да им се закани на соседните земји“, рече таа.
Пекинг речиси секојдневно испраќа воени авиони и воени бродови на островот, а во последните години го зголеми обемот и опсегот на овие вежби.






