Мерката доаѓа и покрај тоа што владејачката Комунистичка партија ја укина контроверзната политика за едно дете пред речиси една деценија, а стапката на наталитет продолжува да опаѓа. Според проценките на државните медиуми, субвенциите треба да им помогнат на околу 20 милиони семејства полесно да ги покријат родителските трошоци.
Програмата, објавена во понеделник, им нуди на родителите вкупно до 10.800 јуани (околу 1.500 евра) по дете во текот на три години. Пекиншката државна телевизија ЦЦТВ објави дека мерката ќе се применува ретроактивно од почетокот на оваа година. Семејствата со деца родени помеѓу 2022 и 2024 година, исто така, можат да аплицираат за делумни субвенции.
Овој потег е резултат на напорите на локалните власти низ цела Кина. На пример, северниот град Хохот им нуди на паровите со најмалку три деца до 100.000 јуани по дете од март, додека Шенјанг, североисточно од Пекинг, им плаќа на семејствата со трето дете под три години по 500 јуани месечно.
Минатата недела, Пекинг ги повика локалните власти да изготват планови за воведување бесплатно предучилишно образование. Кина е, во релативна смисла, едно од најскапите места во светот за одгледување на деца, според студијата на кинескиот Институт за истражување на населението Јува. Студијата покажа дека да се одгледа дете во Кина до 17 години чини просечно околу 75.700 долари.
Официјалните податоци во јануари потврдија дека населението на Кина се намалува трета година по ред. Според Националното биро за статистика, Кина регистрирала 9,54 милиони родени бебиња во 2023 година, што е мало зголемување во однос на претходната година, но вкупното население на земјата продолжило да се намалува. Покрај тоа, населението на Кина од 1,4 милијарди брзо старее, што дополнително ги продлабочува демографските грижи на Пекинг.






