Кина, која традиционално одржува добри врски со Москва, досега одбиваше да зборува за инвазијата на Украина и само „изрази жалење“ за конфликтот во таа земја, велејќи дека сепак ја „разбира“ загриженоста на Русија за својата безбедност.
Но, во телефонскиот разговор со Макрон и Шолц, првиот човек на Пекинг рече дека Кина е „искрено тажна поради новата војна на европскиот континент“, објави ЦЦТВ.
„Сакаме да повикаме на поголема воздржаност за да се спречи хуманитарна криза од големи размери“, додаде тој, без да ја осуди офанзивата која на 24 февруари ја започна рускиот претседател Владимир Путин на соседната земја.
Тој на своите соговорници им порача дека „ги цени напорите на Франција и Германија да посредуваат во Украина“ и нагласи дека и Пекинг е подготвен да преземе „активна улога“.
„Мораме заедно да ги поддржиме мировните преговори меѓу Русија и Украина“, повика тој откако три рунди преговори во Белорусија досега не успеаја да ја запрат војната.
Кина е „подготвена да испрати хуманитарна помош во Украина“, рече тој. Си повтори дека неговата земја воглавно се противи на меѓународните санкции, оценувајќи дека мерките наметнати на Москва „ќе им наштетат на сите страни“.






