понеделник, 8 декември 2025

Кина: Омикрон можеби може да стигне и по пошта

Објавено на

часот

Сподели

Властите ветија дека ќе ја засилат дезинфекцијата на странската пошта и ќе продолжат да инсистираат на целосна вакцинација на поштенските работници. Мерките на претпазливост доаѓаат помалку од три недели пред отворањето на Зимските олимписки игри, додека неколку градови работат на гаснење на новите жаришта на зараза со коронавирусот.

„Намалете ги купувањата на странска стока и пратки на минимум“, објави државната телевизија ЦЦТВ доцна синоќа на социјалните мрежи. „Заштитете се за време на предавањето лице в лице и носете маски и ракавици; обидете се надвор да ги отворате пакетите“, се вели во соопштението.

Здравствените власти соопштија дека лицето заразено со варијантата омикрон отворило пакет од Канада што патувал преку САД и Хонг Конг и дека преносот преку пакетот „не може да се исклучи“. Случајот ја истакна важноста на „лична одбрана“, рече ЦЦТВ.

Слични предлози за тоа како да се постапува со пакетите, не само со оние од странство, даде Националната здравствена комисија на нејзиниот официјален профил Ви чет, додека пораката беше пренесена од властите во Шангај и Нанџинг.

Кина тврди дека вирусот првпат се појавил во странство

Кина е осамена во тврдењето дека ковид-19 може да се пренесе преку студен синџир на увезена храна, како што се месото и рибата, и покрај тоа што Светската здравствена организација ја минимизира важноста на тој ризик. Кина преку државните медиуми пропагира дека вирусот постоел во странство пред кон крајот на 2019 година да биде откриен во централниот кинески град Вухан.

Во последниве недели, Кина се бори со повторна појава на случаи во неколку града, од кои некои се со мошне заразната варијанта омикрон. Во вторникот беа пријавени 127 нови локални случаи со потврдени симптоми.

Државната пошта во понеделникот објави обврска дека целата странска пошта мора да се дезинфицира откако ќе пристигне во Кина, а персоналот што ја сортира и ја доставува странската пошта треба да се вакцинира со две дози вакцина и засилувач. Кинеската пошта и со налепници на пратките ги потсетува примателите на странска пошта навремено да ја дезинфицираат нејзината содржина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ