петок, 2 јануари 2026

Кина изгради автопат без ниту еден работник (ВИДЕО)

Додека во западните земји, политичарите, синдикатите и компаниите расправаат за тоа дали роботите се закана и како да се регулира вештачката интелигенција, да се заштитат работните места и да се постават прифатливи граници за автоматизација, во Кина таа дискусија е практично завршена.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Наместо да го покренат прашањето „Дали роботите ќе ги заменат луѓето?“, властите таму поставуваат друго прашање: „Колку брзо можеме да ги воведеме насекаде и да го направиме тоа нова нормалност?“

Кинеските планери се фокусираат на тоа како и кога автоматизираните системи ќе станат стандарден дел од индустријата и таквиот пристап да доведе до побрзи иновации и практични резултати.

„Од електрични возила што доминираат во градските возни паркови до роботи што работат во фабричките погони, производствениот сектор на Кина се менува брзо, поттикнат од технолошките иновации и владината поддршка“, објавува ЦГТН њуз.

Кина во акција покажа како изгледа иднината на изградбата на патишта.

На дел од автопатот Пекинг-Хонг Конг-Макао, кинеските инженери завршија 157,79 километри автопат користејќи речиси исклучиво автономни машини, роботи и дронови – без физичко присуство на работници на градилиштата.

Немаше луѓе на теренот да поставуваат асфалт, рачно да управуваат со машини или да извршуваат задачи за што претходно биле потребни стотици работници. Наместо тоа, сите операции беа извршувани од автономни системи: софистицирани асфалтни финишери, високотехнолошки валјаци и дронови кои го следеа секој сантиметар од работата и одржуваа прецизност според зададените параметри.

Во флотата на автономна опрема доминираа машини развиени од кинески производители, како што е Сани групацијата, чии роботски единици ја координираа работата без човечка интервенција.

Дроновите играа клучна улога во проверката на квалитетот и топографските податоци во реално време, додека алгоритмите ги оптимизираа сите процеси на терен.

Автопатот беше изграден од автономни асфалтни финишери, роботи кои прецизно поставуваа асфалт со униформна ширина и квалитет, без човечка контрола.

Роботизираните, автономни валјаци со сензори го оптимизираа притисокот и набивањето на материјалот, постигнувајќи стандард за квалитет што често го надминува рачното градење.

Надзорните дронови го следеа напредокот на работата, креираа 3Д мапи и пренесуваа податоци преку сателитски системи во реално време, објаснува „Фјучр тинкинг њуз, видеос енд рипортс“.

Резултатот? Побрза и попрецизна изградба и помал ризик за луѓето кои инаку би биле изложени на опасни услови на градилиште.

Овој проект не е изолиран експеримент, туку дел од пошироката кинеска стратегија автоматизацијата да стане основа на националниот развој, а не само дополнителна опција.

Кина ги автоматизира пристаништата, железниците, логистичките центри и паметните градови, интегрирајќи вештачка интелигенција и роботика во сите сегменти на инфраструктурата, но и во животот. Автоматизираните системи, на пример, веќе управуваат со кранови и автономни возила во пристаништата, зголемувајќи ја ефикасноста и безбедноста и намалувајќи ја потребата од рачна работна сила, известува ЦГТН.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ