За време на Зимските олимписки игри, кинескиот претседател Си Џинпинг организираше низа состаноци со бројни светски лидери. По средбата со рускиот претседател Владимир Путин, Си се сретна со претседателот на Аргентина Алберто Фернандез.
Лидерите на Аргентина и Кина за време на средбата потпишаа низа договори во рамки на кинеската иницијатива Појас и пат, а во таа прилика аргентинскиот претседател го поддржа кинеското право на тајванската територија што е спор кој привлекува големо глобално внимание.
Од друга страна, како знак на благодарност, кинескиот претседател Си Џинпинг ја потврди својата поддршка на Аргентина, изјавувајќи дека оваа држава има целосно право на територијата на Фокландските Острови.
Овие острови денес, како и во претходните децении, предизвикуваат големи спорови меѓу Аргентина и Британија, а државите во 1982 година водеа и војна во која победија Британците.
Откако Си изјави дека го поддржува аргентинското право на островите кои тие ги викаат Малвини, за кратко време се огласи Британија.
Министерката за надворешни работи на таа држава Елизабет Трус реагираше на изјавите на кинескиот претседател и повтори дека никој нема право да зборува за суверенитетот и територијалниот интегритет на Фокландските Острови.
„Целосно ги отфрламе сите прашања за суверенитетот на Фокландите. Фокландските Острови се дел од британското семејство и ние ќе го браниме нивното право на самоопределување. Кина мора да го почитува суверенитетот на Фокландските острови“, кажа Трус.
Многу брзо следеа и реакции на кинеските медиуми блиски до Комунистичката партија кои направија паралела меѓу спорот околу Фокландските Острови и ситуацијата во Јужното Кинеско Море.
„Во ред ли е Британија да го оспорува суверенитетот на Кина во Јужното Кинеско Море со испраќање воени бродови? Барем Кина не ја испраќа својата морнарица во близина на Малвините или она што вие го викате Фокланди“, се наведува во коментарите.
Ова е само еден од примерите дека Кина нема проблем со отворање „стари политички рани“ во спорот со Западот како контраудар на западните иницијативи во Индопацифичкиот регион.
Ефектот не е ист, но пораката ја исполни својата цел. Испровоцира одговор од Лондон и одекна на настанот кој во моментов најмногу се следи во светот – Зимските олимписки игри во Пекинг.






