„Руската војска, која започна инвазија на Украина пред три години, продолжува да извршува злосторства во размер што Европа не го видела од Втората светска војна“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи. „Марширањето со нив значи споделување на одговорноста за крвта на децата, цивилите и украинските војници, а не славење на победата над нацизмот“, додаде министерството.
Киев ги предупреди земјите што се прогласуваат за неутрални кон руската инвазија, како што е Кина, дека нивното евентуално учество во парадата ќе се смета за поддршка на агресорот. „Русија ги повикува странските војници да учествуваат на парадата на 9 мај за да ги измие рацете од своите воени злосторства и да ја оправда својата агресија“, обвини Киев.
Секое учество на странски војници на овие церемонии е неприфатливо и Украина ќе го смета тоа за навреда на сеќавањето на победата над нацизмот, на сеќавањето на милиони Украинци кои се бореа против нацистичка Германија, се додава.
Украина, која тогаш беше дел од СССР, беше една од најтешко погодените земји во Втората светска војна, во која загинаа пет милиони украински цивили и три милиони војници, според официјалните украински податоци.