Соопштението дојде по дводневните неуспешни прекини на огнот за да можат цивилите да избегаат од опколениот град Мариупол, кој е бомбардиран и каде што стотици илјади луѓе се заробени без храна и вода и не можат да ги евакуираат своите ранети.
Новите „коридори“ би биле отворени во 10 часот по московско време од главниот град Киев и источните градови Харков и Суми, како и од Мариупол, соопшти руското Министерство за одбрана.
Според мапите објавени од новинската агенција РИА, коридорот од Киев би водел кон Белорусија, додека на цивилите од Харков би им било дозволено да отидат само во Русија. Русија, исто така, би воспоставила воздушен превоз за да ги однесе Украинците од Киев во Русија, соопшти Министерството.
„Обидите на украинската страна да ја измами Русија и целиот цивилизиран свет… овојпат се бескорисни“, соопшти Министерството.
Портпаролот на украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече потегот „целосно неморален“ и рече дека Русија се обидува „да го искористи страдањето на луѓето за да создаде телевизиска слика“.
„Тие се граѓани на Украина, треба да имаат право да се евакуираат на територијата на Украина“, изјави портпаролот за Ројтерс.
„Ова е еден од проблемите што предизвикуваат да пропаднат хуманитарните коридори. Навидум се чини дека тие се согласуваат со нив, но самите сакаат да обезбедат хуманитарна помош заради телевизиска слика и сакаат коридорите да водат во нивна насока.“
Околу 200.000 луѓе останаа заробени во Мариупол, повеќето спијат под земја за да се спасат од над шестдневното гранатирање од страна на руските сили, кои ги прекинаа храната, водата, струјата и греењето, соопштија украинските власти.
Околу половина од луѓето во градот требаше да бидат евакуирани во неделата, но тие напори два дена беа прекинувани кога пропадна планот за прекин на огнот, додека страните меѓусебно се обвинуваа дека не престануваат со пукањето и гранатирањето.
Откако почна руската инвазија, повеќе од 1,5 милиони Украинци побегнаа во странство.
Русија негира дека намерно гаѓа цивили. Нападите што ги почна на 24 февруари ги нарекува „специјална воена операција“ за разоружување на Украина и апсење на водачите, кои ги нарекува неонацисти.






