„Исклучете ја Русија од светските финансиски пазари. Погрижете се рускиот финансиски систем повеќе да не произведува ресурси за воената машина на Путин“, изјави Каспаров за саботната „Кориере дела сера“.
Каспаров, кој моментално живее во Њујорк, му порача на Западот дека мора да дејствува и да му покаже на Путин која цена ќе ја плати.
„Доведете ја воената машина на Путин до банкрот, замрзнете и запленете ги руските и неговите финансии“, рече Каспаров, кој на својот твитер-профил пред два дена напиша дека нема смисла да се разговара и дека со нова и единствена порака треба да ѝ се понуди на Русија да престане или ќе биде целосно изолирана.
„Но наместо тоа, вие само зборувате за економската цена што треба да ја плати Путин, ама Украинците ја плаќаат со своите животи. Оние што зборуваат за економската цена треба да се засрамат. Тие ја проценуваат економската штета на сметка на човечките животи“.
Каспаров, кој во 1985 година стана најмладиот неприкосновен светски шампион во шах на 22-годишна возраст, исто така тврди дека светот треба да најде замена за руската нафта и гас.






