Во пораката по повод 70-годишнината од нејзиното владеење, кралицата рече дека нејзина „искрена желба“ е Камила да ја добие таа титула, пренесе Би-би-си.
Пораката на кралицата, по повод годишнината од нејзиното доаѓање на тронот во 1952 година, директно се однесува на нерешеното прашање за идната титула на војвотката од Корнвол.
„Моја искрена желба е кога ќе дојде тоа време, Камила да биде позната како кралица сопруга“, соопшти кралицата Елизабета.
Вообичаената процедура е војвотката Камила автоматски да стане кралица ако Чарлс стане крал, но поради несигурноста во јавното мислење, се сугерира дека Камила може да биде именувана за „принцеза сопруга“, што беше официјалниот став кога принцот Чарлс се ожени со неа во 2005 година.
Чарлс и Камила преку својот портпарол порачаа дека се „трогнати и почестени од зборовите на Нејзиното височество“.
Дилемата висеше над кралското семејство уште по разводот на Чарлс со принцезата Дајана.
На многумина во Британија им требаа години да му простат на Чарлс, човекот чиешто признаено неверство ѝ донесе толкава болка на „народната принцеза“ пред да загине во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година.
Но јавното расположение омекна откако Чарлс се ожени со Камила Паркер Боулс во 2005 година и таа стана војвотка од Корнвол.
Иако Камила одигра значајна улога во распадот на првиот брак на Чарлс, нејзиниот приземен стил и смисла за хумор на крајот освоија многу Британци, велат британските медиуми.






