„Ова е многу опасен момент за сите“, изјави Калас за новинарите.
„Сите сакаме оваа војна да заврши, но важно е како ќе заврши. Русија нема законско право на какви било отстапки од земјата што ја нападнала, на крајот за условите на кој било договор одлучува Украина.“
Европски противпредлог на американскиот мировен план
Украина, Франција, Германија и Велика Британија работат на противпредлог на мировниот план од 28 точки за Украина, поддржан од САД, изјавија три извори за Ројтерс денеска.
Еден од изворите рече дека противпредлогот веројатно ќе вклучи и други европски земји.
Американскиот план предвидува значителни територијални отстапки за Украина и воено слабеење на земјата, заедно со безбедносни гаранции.
Канцеларијата на германскиот канцелар објави дека германскиот, францускиот и британскиот лидер се согласиле денеска за време на телефонски разговор со украинскиот претседател за „долгорочно зачувување на виталните европски и украински интереси“.
Откако го презентираа американскиот план, кој вклучува бројни украински отстапки кон Русија по речиси четиригодишна војна, Фридрих Мерц, Емануел Макрон и Кир Стармер ги поздравија „американските напори“, но исто така му ја пренесоа на Володимир Зеленски „нивната целосна и непоколеблива поддршка на патот кон траен и праведен мир“.
Четворицата лидери „особено ја поздравија посветеноста на суверенитетот на Украина и подготвеноста да ѝ се обезбедат солидни безбедносни гаранции“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе предложи „алтернативи“ на американскиот план за прекин на конфликтот со Русија, велејќи дека нема да ги предаде националните интереси на својата земја.
Украина ризикува да ја изгуби американската поддршка поради планот на Вашингтон да ја заврши војната со Русија, предупреди тој.






