„Одлуката на израелската полиција да му забрани на латинскиот патријарх од Ерусалим влез во Црквата на Светиот Гроб во Ерусалим е кршење на верската слобода и долгогодишната заштита околу светите места“, истакна Калас во објава на социјалната мрежа Икс.
Како што изјави таа, слободата на вероисповед во Ерусалим мора да биде целосно загарантирана, без исклучок, за сите вери.
Израелската полиција вчера наутро ги спречи латинскиот патријарх на Ерусалим, кардиналот Пјербатиста Пицабала и фратарот Франческо Јелпо, поглаварот на Мисијата на Светата земја, одговорна за зачувување на светите места на христијанството, да им се придружат на верниците во Црквата на Светиот Гроб во Стариот град на Ерусалим за да служат миса на црковниот празник Цветници, објавија претходно вчера Патријаршијата и францисканската Мисија на Светата Земја.
Како што е соопштено, двајцата највисоки католички свештеници во регионот „биле запрени на патот, додека патувале приватно и без никакви знаци на поворка или церемонијален чин, и биле принудени да се вратат назад“.






