понеделник, 16 март 2026

Каја Калас за деблокирањето на Ормускиот теснец предложи сличен модел од Црното Море

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, предложи да се користи во Ормускиот теснец сличен модел како што се користи во Црното Море за деблокирање на извозот на украинското жито.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Разговарав со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за тоа дали е можно да се има иста иницијатива како што имавме во Црното Море за извоз на жито од Украина, бидејќи затворањето на Ормускиот теснец е исклучително опасно за снабдувањето со нафта и енергија во Азија“, рече Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Околу 20 проценти од светската трговија со нафта поминува низ Ормускиот теснец, кој Иран моментално го блокира, а најголемиот дел, 85 проценти, оди во азиските земји.

Покрај нафтата, голем предизвик е и извозот на ѓубрива. „Ако нема ѓубрива оваа година, ќе има недостиг од храна следната година“, рече Калас.

Во летото 2022 година, беше постигнат договор меѓу Обединетите нации, Турција и Русија за дозволување извоз преку безбеден поморски хуманитарен коридор во Црното Море.

Калас рече дека министрите ќе разговараат и за тоа дали е можно да се промени мандатот на мисијата на ЕУ „Аспидес“, која моментално е задолжена за заштита на бродовите во Црвеното Море од јеменските Хути.

„Ќе разговараме со земјите-членки дали е можно всушност да се промени мандатот на оваа мисија. Поентата е дали земјите-членки се подготвени всушност да ја користат оваа мисија – бидејќи сакаме да имаме безбедност во овој регион, тогаш би било најлесно всушност да ја користиме операцијата што ја имаме во регионот“, рече шефицата на европската надворешна политика.

Калас нагласи дека е важно да не се изгуби фокусот на помошта на Украина поради вниманието што сега е насочено кон Блискиот Исток.

Таа го осуди американското укинување на санкциите за извозот на руската нафта како „опасен преседан“. „Ова носи повеќе пари за Русија, исто како што затворањето на Ормускиот теснец ѝ користи на Русија да ја финансира војната против Украина“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ