„На крајот од операцијата, ИДФ ќе ја контролира областа до реката Литани, вклучувајќи ги и преостанатите мостови Литани, елиминирајќи ги силите на Радван кои се инфилтрираa во областа и уништувајќи го целото оружје таму“, рече Израел Кац во соопштение по безбедносната проценка, нарекувајќи ја „безбедносна зона“.
Силите на Радван се елитна воена единица на Хезболах. Кац рече дека на повеќе од 600.000 либански жители кои беа евакуирани на север ќе им биде забрането да се вратат јужно од Литани додека не се гарантира безбедноста на жителите на северен Израел.
За таа цел, „сите домови во селата во близина на границата во Либан ќе бидат уништени, по моделот на Рафа и Беит Ханун во Газа, за трајно отстранување на заканите за израелските жители во близина на границата“, рече Кац.
Кац првпат ја искажа јасната намера на Израел да окупира делови од либанската територија минатиот вторник. Тогаш, тој на состанок со началникот на Воениот штаб рече дека војската ќе „ги контролира преостанатите мостови и безбедносната зона до реката Литани“ и дека создава „одбранбен тампон“.
Реката Литани се влева во Средоземното Море околу 30 километри северно од границата на Израел со Либан. Армијата уништи пет моста преку реката од 13 март и го забрза уривањето на куќите во либанските села во близина на израелската граница. Израел тврди дека кампањата е насочена против Хезболах, а не против либанските цивили.






