понеделник, 8 декември 2025

Јужна Кореја со помош на САД гради флота од нуклеарни подморници

Владата на Јужна Кореја го финализираше договорот за изградба на подморници на нуклеарен погон во партнерство со Соединетите Американски Држави (САД).

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Договорот претставува значаен чекор во односите меѓу Јужна Кореја и САД и доаѓа во период на растечки тензии со Северна Кореја, која располага со нуклеарно оружје, пренесува Би-би-си.

Договорот меѓу САД и Јужна Кореја следеше откако лидерите на двете земји постигнаа широк трговски договор минатиот месец, со кој ќе се намалат реципрочните тарифи од 25 проценти на 15 проценти.

Американскиот претседател Доналд Трамп порано оваа година воведе во Сеул царинска стапка од 25 проценти, која неговиот колега Ли Џе Мјун успеа да ја намали на 15 проценти, откако Сеул соопшти дека ќе инвестира 350 милијарди долари во САД, вклучувајќи 200 милијарди во готовина и 150 милијарди во бродоградба.

Во моментов, само шест земји поседуваат стратешки нуклеарни подморници: САД, Кина, Русија, Обединетото Кралство, Франција и Индија.

Јужна Кореја веќе има околу 20 подморници, но сите се со погон на дизел и затоа мора да излегуваат на површина многу често. Нуклеарните подморници се исто така способни за поголеми растојанија и побрзи операции.

„Им дадов одобрение да изградат подморница на нуклеарен погон, наместо старомодните и многу помалку агилни подморници на дизел-погон што ги имаат сега“, напиша Трамп на Трут соушл.

Јужна Кореја е водечки производител на цивилна нуклеарна енергија. Имаше програма за нуклеарно оружје во 1970-тите, но се откажа од неа под притисок на САД.

Нејзината способност за збогатување или преработка на ураниум е ограничена, бидејќи е целосно зависна од увоз.

Најновата програма има за цел да се спротивстави на Северна Кореја, која неодамна објави дека развива сопствена програма за нуклеарни подморници.

САД и Кина долго се натпреваруваат за стратешко влијание во Јужна Кореја, оставајќи го Сеул да балансира на геополитичката жица. Во последно време, Кина ја зголемува својата поморска активност во близина на морската граница на Јужна Кореја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ