Новинската агенција Џиџи извести дека американската влада го прашала Токио дали може да пренасочи дел од набавениот течен природен гас (ЛНГ) во Европа во случај на нарушување во снабдувањето од Русија. Јапонија ја разгледува таа можност, извести јапонската новинска агенција.
На конференцијата за новинари јапонскиот министер за индустрија не сакал да го потврди извештајот, кажувајќи дека не може да ја коментира јапонската дипломатска размена. Но, кажа дека Јапонија со години е „придвижувачка сила на развојот на пазарот на ЛНГ“, додавајќи дека би сакале да разгледаат како можат да ѝ помогнат на меѓународната заедница.
Предупреди дека Јапонија е сиромашна со ресурси па прво мора да обезбеди доволно енергија за сопствените потреби за да избегне недостиг од струја, имајќи ги предвид прогнозите за ниски температури. „Ќе видиме дали може нешто да се направи откако ќе се увериме дека (нашиот евентуален потег) нема да влијае на животите на граѓаните“, кажа Хагиуда. Јапонија е голем увозник на течен природен гас.
Минатата недела Соединетите Американски Држави, најголемиот светски произведувач на природен гас, побара од Катар и други големи произведувачи, вклучувајќи и американски компании, да проверат дали можат да ја снабдуваат Европа ако испораките од Русија прекинат поради кризата околу Украина.
Катарскиот министер за енергија предупреди дека тие самите не можат да го заменат рускиот гас и дека не можат да пренасочуваат пратки без согласност од купувачите. Русија покрива околу 40 отсто од европската побарувачка за гас, потсетува Ројтерс.






