понеделник, 22 декември 2025

Јапонската премиерка сака средба со Ким Џонг Ун поради киднапираните Јапонци

Јапонската премиерка Санае Такаичи потврди дека побарала дозвола од Северна Кореја да се сретне со Ким Џонг Ун за да се реши чувствителното прашање за киднапираните Јапонци во 1980-тите и 1990-тите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Со цел да изградиме нови и плодни односи меѓу Јапонија и Северна Кореја, решена сум лично да се сретнам со претседателот Ким Џонг Ун“, рече Такаичи на состанокот во Токио на прашањето за киднапирањето. Таа рече дека „веќе ѝ ја пренела на Северна Кореја“ својата „желба за одржување на состанокот“.

„Ќе ги искористам сите потребни средства за да го решам ова прашање, бидејќи животите на овие жртви и нашиот национален суверенитет се во прашање“, рече Санае Такаичи, инсистирајќи дека прашањето за киднапирањето е „приоритет“ за нејзината влада. Повеќе од 20 години, јапонските лидери се обидуваат да започнат директни преговори со Северна Кореја за ова прашање, но без успех.

Северна Кореја во 2002 година призна дека испратила агенти да киднапираат 13 јапонски државјани во текот на 1970-тите и 1980-тите. Планот бил киднапираните Јапонци да ги учат севернокорејските шпиони за јапонскиот јазик и култура. Јапонија официјално го потврдува киднапирањето на 17 нејзини граѓани, но верува дека бројот е уште поголем.

Во 2002 и 2004 година, тогашниот премиер Јуничиро Коизуми отпатува во Пјонгјанг за да се сретне со својот колега Ким Џонг Ил, таткото на Ким Џонг Ун, и да преговара за враќање на петмина негови сонародници. Северна Кореја тврдеше дека другите осуммина починале.

Шигеру Ишиба, претходник на сегашната премиерка Такаичи, предложи создавање канцеларии за врски во Токио и Пјонгјанг за да се унапреди прашањето, но ова никогаш не беше спроведено.

Јапонија во неколку наврати беше домаќин на американски претседатели кои се сретнаа со семејствата на киднапираните, како што беше Доналд Трамп минатата недела за време на посетата на Токио во рамки на неговата азиска турнеја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ