вторник, 27 јануари 2026

Јапонија: Северна Кореја испали сомнителни балистички ракети

Северна Кореја денес во морето испали ракети за кои се сомнева дека се балистички, соопштија нејзините соседи. Последното тестирање на оружје доаѓа во време на зголемени тензии со Јужна Кореја и пред клучниот конгрес на владејачката партија во Пјонгјанг, објави АП.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Канцеларијата на јапонскиот премиер и Министерството за одбрана соопштија дека Северна Кореја испалила ракети за кои се сомнева дека се балистички. Во исто време, Министерството за одбрана на Јужна Кореја соопшти дека детектирало лансирање на најмалку еден неидентификуван проектил од источниот брег на Северна Кореја. Ниту една од земјите не објави дополнителни информации, како што е дострелот на ракетите.

Лансирањето се случи кратко откако Пјонгјанг се закани со одмазда за, како што рече, јужнокорејските дронови за надзор преку граница. Северна Кореја вели дека инцидентите се случиле порано во јануари и септември минатата година.

Владата во Сеул ги негираше обвинувањата, велејќи дека во тоа време не управувала со дронови и започна истрага дали дроновите биле испратени од цивили. Аналитичарите веруваат дека Пјонгјанг веројатно сака да поттикне антијужнокорејско расположение со обвинувањата за дронови пред конгресот на владејачката Работничка партија, кој треба да се одржи на крајот на јануари или во февруари.

Се очекува дека на конгресот, прв од ваков вид во последните пет години, декларацијата на лидерот Ким Џонг Ун за непријателскиот систем на „две држави“ на Корејскиот полуостров би можела да биде внесена во партискиот статут.

Северна Кореја претходно овој месец објави дека извршила пробни летови на хиперсонични ракети. Според локалните државни медиуми, лансирањата биле надгледувани од самиот Ким Џонг Ун, кој ја нагласил потребата од зајакнување на нуклеарните капацитети на земјата.

Во декември минатата година, Пјонгјанг тестирал, како што вели, стратешки крстосувачки ракети со долг дострел и нови противвоздушни ракети. Објавени се и фотографии кои наводно ја покажуваат изградбата на првата подморница на Северна Кореја со нуклеарен погон.

Според аналитичарите, Северна Кореја се обидува да ги демонстрира своите достигнувања во развојот на оружје со низа вакви активности пред претстојниот конгрес на владејачката партија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ