понеделник, 8 декември 2025

Јапонија: Наместо пелени за бебиња, фабрика се префрла на производство на пелени за возрасни

Јапонскиот производител на пелени Оџи холдингс најави дека ќе престане да произведува пелени за бебиња и наместо тоа ќе се фокусира на пазарот за возрасни.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Оваа компанија е последната во низата која донесе ваква одлука во Јапонија, која забрзано старее и каде наталитетот е рекордно низок, објави Би-би-си.

Продажбата на пелени за возрасни ја надмина продажбата на пелени за доенчиња во последните 10 години.

Бројот на бебиња родени во Јапонија во 2023 година изнесува 758.631, што е за 5,1 отсто помалку од претходната година.

Тоа исто така е и најмалиот број на раѓања во Јапонија од 19 век.

Во 1970-тите таа бројка беше повеќе од два милиони.

Во соопштение, Оџи холдингс рече дека нејзината подружница, Оџи непиа, моментално произведува 400 милиони бебешки пелени годишно.

Производството е во пад од 2001 година, кога компанијата го достигна својот врв – производство на 700 милиони пелени.

Во 2011 година, најголемиот јапонски производител на пелени Уничарм изјави дека неговата продажба на пелени за возрасни ја надминала продажбата на пелени за бебиња.

Во меѓувреме, пазарот на пелени за возрасни расте и се проценува дека вреди повеќе од две милијарди долари.

Јапонија ја има една од најстарите популации во светот, со речиси 30 отсто од жители на возраст од 65 или повеќе години.

Минатата година уделот на лица над 80 години за прв пат надмина 10 отсто.

Но, Јапонија не е сама, стапките на фертилитет се во пад и во Хонг Конг, Сингапур, Тајван и Јужна Кореја, од кои последната има најниска стапка на наталитет во светот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ