Хуанг ги критикуваше западните земји, вклучувајќи ги САД и Обединетото Кралство, велејќи дека во развојот на вештачката интелигенција нив ги спречува „цинизмот“. „Ни треба повеќе оптимизам“, рече тој вчера на маргините на самитот за Иднината на вештачката интелигенција (ВИ) организиран од Фајненшал тајмс.
Неговите коментари доаѓаат откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја задржи забраната за продажба на најнапредните чипови на Енвидиа на Кина. Одлуката беше потврдена откако Трамп се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг минатата недела.
Хуанг особено го истакна проблемот со воведувањето на сопствени регулативи за вештачка интелигенција од страна на американските држави. „Можеби ќе завршиме со 50 различни регулативи“, предупреди тој, споредувајќи го тоа со пристапот на Кина, каде што владата го охрабрува развојот на секторот со субвенции за енергија и намалување на трошоците за центри за податоци. „Таму, енергијата е практично бесплатна“, рече тој.
Според Фајненшл тајмс, Пекинг неодамна ги зголеми субвенциите за енергија за големи центри за податоци управувани од кинески технолошки гиганти како што се Бајт денс, Алибаба и Тенсент. Локалните власти, според извори запознаени со ситуацијата, воведоа дополнителни стимулации откако домашните компании им пријавија на регулаторите високите трошоци за работа со домашни чипови од производители како што се Хуавеи и Камбрикон. Овие процесори, во споредба со Енвидија, се значително помалку енергетски ефикасни.
Хуанг претходно предупреди дека американските модели на вештачка интелигенција повеќе не се значително понапредни од кинеските и го повика Вашингтон да го отвори пазарот и да дозволи извоз на чипови на Енвидија во Кина, така што светот ќе остане зависен од американската технологија.
Но, Трамп по средбата со Си рече дека нема намера да ѝ даде на Кина пристап до најнапредните чипови Блеквел на Енвидија. „Нема да ги направиме најнапредните чипови достапни за никого освен за САД“, изјави тој за Си-би-ес. „Ќе обезбедиме соработка со Енвидија, но не и пристап до најнапредните технологии.“
Енвидија минатата недела одржа конференција за девелопери во Вашингтон, истакнувајќи ги своите напори за зајакнување на врските со американската влада. Вредноста на компанијата тогаш за прв пат надмина 5 трилиони долари, поттикната од најавата на Трамп дека планира да разговара за чиповите Блеквел со Си за време на посетата на Јужна Кореја. Сепак, тој подоцна потврди дека темата не била дел од разговорот.
Трамп претходно посочи дека Кина би можела да добие пристап до „ограничена верзија“ на чиповите на Енвидија. „Можно е да постигнеме договор за верзија на Блеквел што би била технички намалена“, рече тој во август.
Коментарите дојдоа откако Енвидија и АМД се согласија да ѝ платат на американската влада 15 проценти од приходите од продажбата на постојните процесори за вештачка интелигенција во Кина. Но, американската администрација сè уште не донела прописи што би дозволиле таква продажба.
Загриженоста на Вашингтон за брзиот напредок на Кина во вештачката интелигенција расте од почетокот на годината кога малата кинеска истражувачка фирма, Дипсик, го претстави својот напреден јазичен модел, што ги изненади експертите ширум светот.
Објавувањето на моделот Дипсик во јануари предизвика вистинска дебата во Силиконската долина за тоа дали побогатите и подобро опремени американски компании како ОпенАИ и Антропик можат да ја одржат својата технолошка предност.
Како што заклучува Фајненшал тајмс, изјавите на Хуанг за „победата на Кина“ над САД во трката за вештачка интелигенција се истовремено предупредување до американските власти и апел за либерализација на пазарот на чипови – пазар кој, доколку остане затворен, би можел долгорочно да го забави западниот технолошки развој.






