Израелската војска соопшти дека воените сили и граничната полиција влегле во бегалскиот камп Јенин за „да ги уапсат осомничените за терористичките напади“. Во соопштението се наведува дека „за време на операцијата терористите пукаа врз нашите сили, а израелските војници возвратија со оган во кој напаѓачите беа убиени, додека еден израелски војник беше полесно ранет“.
Денеска, потсетува Ројтерс, Израелец бил избоден со нож во населбата Гуш Ецион на Западниот Брег. „Терорист нападна патник во автобус со нож. Патникот е повреден и пренесен во болница. Цивил што се нашол во автобусот пукал во терористот и го убил“, се вели во соопштението на израелската војска.
Во вторникот Палестинец од Јенин застрела пет лица во предградие на Тел Авив, пред да се самоубие, со што бројот на загинатите во арапските напади во Израел во текот на изминатата недела се зголеми на 11.
Во неделата, на денот на израелско-арапскиот собир во јужен Израел, арапски напаѓач од северниот дел на земјата уби двајца полицајци во Хадера, град на 50 километри северно од Тел Авив. Тој исто така беше убиен, а одговорноста за нападот во Хадера ја презеде Исламска држава.
Премиерот Нафтали Бенет најави серија мерки за, како што рече, нов бран напади. Доцна во средата, Бенет разговараше со претседателот Џо Бајден, кој, според Амбасадата на САД, „изразил најдлабоко сочувство по ужасните терористички напади“.






