„Анас Ал Шариф служеше како водач на терористичка ќелија во терористичката организација Хамас и беше одговорен за ракетни напади врз израелски цивили и војници на ИДФ“, соопшти вчера израелската армија.
Дописниците Анас ал-Шариф и Мохамед Креикех, како и снимателите Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алива биле во шатор за новинари на главниот влез на болницата во времето на нападот, објави Ал Џезира.
„Целното убиство“ во неделата е уште еден „јасен и однапред смислен напад врз медиумските слободи“, соопшти Ал Џезира.
Израелската војска кратко по нападот потврди дека го гаѓала Анас ал-Шариф. Во објава на платформата Телеграм, се вели дека тој бил „водач на терористичка ќелија на Хамас“. Во нападот, во кој загинаа вкупно седум лица, не се спомнуваат други убиени новинари.
Директорот на Ал Џезира, Мохамед Моавад, изјави за Би-би-си дека ал-Шариф бил акредитиран новинар кој бил нивниот „единствен глас“ кој му кажувал на светот што се случува во Појасот Газа.
Репортери без граници (РСФ) во петокот предупредија дека Израел убил повеќе од 200 новинари од почетокот на својата офанзива врз палестинската енклава, од кои 46 биле цел поради нивните новинарски активности.
Њујорк тајмс во понеделник објави дека Израел го обвинил ал-Шариф дека работел за Хамас уште во октомври 2024 година, објавувајќи како наводни докази листа на членство, телефонски именик и платни листи. Ал Џезира и ал-Шариф ги отфрлија обвинувањата и документите како „фабрикувани“.
Комитетот за заштита на новинарите, невладина организација со седиште во САД, минатиот месец предупреди дека е „длабоко загрижен“ за безбедноста на ал-Шариф. Комитетот го обвини Израел дека води „клеветничка кампања“ против ал-Шариф што може да биде „вовед за неговото убиство“.
Медиумската организација, предводена од поранешната новинарка на Ројтерс, Џоди Гинсберг, верува дека Израел ја „засилил“ кампањата откако снимката од Ал-Шариф како плаче пред камера додека известува за гладот во Газа стана вирална.
„Израелскиот модел на етикетирање на новинарите како милитанти без да обезбеди веродостојни докази покренува сериозни прашања за неговата намера и почитување на слободата на печатот“, рече Сара Куда, директорка на ЦПЈ за Блискиот Исток и Северна Африка.
Ал-Шариф, чиј профил на Икс има повеќе од 500.000 следбеници, објави на платформата неколку минути пред неговата смрт дека Израел интензивно го бомбардирал градот Газа повеќе од два часа.






