понеделник, 15 декември 2025

Израел тргнува во целосна окупација на Газа, со план за завршување на војната

Израелскиот безбедносен кабинет го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за преземање воена контрола над градот Газа, чекор што означува нова голема ескалација во војната.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката е донесена по состанокот што траеше доцна во ноќта и со неа се потврдува дека за завршувањето на конфликтот потребно е „целосно безбедносно преземање на Појасот Газа“, пишува Скај њуз.

Пред состанокот, Нетанјаху ги потврди намерите на Израел во интервју за Фокс њуз. На прашањето дали Израел ќе „ја преземе контролата над цела Газа“, тој одговори: „Имаме намера, за да ја осигуриме нашата безбедност, да го отстраниме Хамас оттаму и да го ослободиме народот на Газа“.

Тој додаде дека Израел не сака да ја задржи територијата, туку да воспостави „безбедносна зона“ и да ја предаде власта на „арапските сили што правилно ќе управуваат со неа“.

По состанокот, од канцеларијата на израелскиот премиер е соопштено дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе се подготват за преземање на контролата врз градот Газа, а во исто време ќе дистрибуираат хуманитарна помош до цивилите надвор од борбените зони.

Кабинетот за безбедност, исто така, усвои пет принципи за завршување на војната: разоружување на Хамас, враќање на сите заложници, демилитаризација на Газа, израелска безбедносна контрола врз Појасот Газа и воспоставување алтернативна цивилна администрација која не е ниту Хамас ниту Палестинската самоуправа.

Планот беше пречекан со остри критики, вклучително и од семејствата на заложниците што ги држи Хамас. Еинав Зангаукер, мајката на заложникот Матан Зангаукер, рече дека Нетанјаху ѝ ветил дека ќе работи на договор за ослободување. „Некој што зборува за сеопфатен договор не оди да го освојува Појасот Газа и да ги загрозува заложниците и војниците“, напиша таа на социјалната мрежа Икс, додавајќи: „Нетанјаху и неговите партнери се подготвуваат да го осудат (Матан) на смрт“.

Според извештаите на израелските медиуми, началникот на Генералштабот на ИДФ, Ејал Замир исто така предупреди против окупација на Газа, велејќи дека тоа ќе ги загрози заложниците и дополнително ќе ја оптовари војската.

Од меѓународна страна, јордански функционер рече дека Арапите ќе го „поддржат само она на што Палестинците ќе се договорат и одлучат“ и дека „нема да се согласат со политиките на Нетанјаху, ниту ќе го чистат неговиот неред“.

Џина Аберкромби-Винстанли, поранешна претседателка на Советот за блискоисточна политика, за Скај њуз изјави дека „многу малку луѓе“ веруваат дека планот за окупација е добра идеја.

„Тешко е да се додаде на траумата и очајот на Палестинците во Појасот Газа, но ова сигурно ќе го стори тоа“, рече таа, нагласувајќи дека новото присилно раселување само ќе го влоши страдањето на населението.

Одлуките доаѓаат откако најмалку 42 Палестинци беа убиени во израелски воздушни напади и пукање низ јужна Газа вчера, според локалните болници.

Најновиот конфликт започна со напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беше киднапирано. Се проценува дека Хамас сè уште држи околу 50 заложници. Според Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, повеќе од 61.000 Палестинци се убиени во израелската одмаздничка офанзива.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ