Лекарите изјавија дека во израелски воздушен напад врз шаторски камп во кој биле сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица, додека во друг напад загинале петмина во Кан Јунис, на југот од енклавата.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека продолжуваат да уништуваат подземни тунели во северниот дел на Појасот Газа во согласност со договорот, пренесува Ројтерс.
Израелските одбранбени сили соопштија дека забележале неколку вооружени лица како излегуваат од, како што е соопштено, тунел и влегуваат под урнатините на зграда источно од Жолтата линија.
„Во изминатите неколку часа, Израелските одбранбени сили (ИДФ) започнаа со напад како одговор на јасното кршење на договорот за прекин на огнот од страна на Хамас во областа Бејт Ханун“, изјави израелски воен претставник, додавајќи дека „терористите излегле од тунел источно од жолтата линија“.
Според него, преминувањето на жолтата линија во близина на трупите на ИДФ, додека се вооружени, е „експлицитно кршење на прекинот на огнот и покажува како Хамас систематски го крши договорот за прекин на огнот со намера да им наштети на трупите на ИДФ“.
Во израелските напади во Газа од прекинот на огнот на 10 октомври минатата година загинаа најмалку 601 Палестинец, ранети се 1.607 лица, објави Ал Џезира, повикувајќи се на податоци од Министерството за здравство на Газа.
Вкупниот број на Палестинци загинати во војната во Газа од 7 октомври 2023 година, кога Хамас го нападна Израел, достигна 72.061 лице, повредени се 171.715 лица.






