четврток, 12 февруари 2026

Израел нов член на Трамповиот Мировен одбор

Израел се приклучи на Мировниот одбор, иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, објави вчера премиерот Бенјамин Нетанјаху за време на посетата на Вашингтон, каде што се сретна со Трамп и државниот секретар Марко Рубио, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По средбата со Рубио, беше објавена снимка на која се гледа како Нетанјаху потпишува документ за пристапување на Израел во одборот. Нетанјаху подоцна потврди на социјалната мрежа Икс дека „го потпишал пристапувањето на Израел како член на Мировниот одбор“. Потоа со Трамп разговараше за Иран.

Мировниот одбор е овластен со резолуција на Советот за безбедност на ОН, усвоена кон средината на ноември, да воспостави меѓународни сили за стабилизација во Газа. Кревкото примирје започна во регионот во октомври според планот на Трамп, потпишан од Израел и палестинската милитантна група Хамас.

Според планот, одборот требаше да надгледува привремена администрација во Газа. Трамп потоа објави дека одборот, со кој тој претседава, ќе се прошири за да се справува со глобалните конфликти. Првиот состанок на одборот ќе се одржи на 19 февруари во Вашингтон, а темата ќе биде обновата на Газа.

Голем број експерти за човекови права веруваат дека Трамповото раководството со одборот одговорен за управување со странска територија наликува на колонијална структура. Се очекува членството на Израел да привлече дополнителни критики бидејќи нема Палестинци во одборот.

Државите реагираа претпазливо на поканата на Трамп да се приклучат на одборот, кој беше формиран кон крајот на јануари. Многу експерти изразуваат загриженост дека одборот би можел да го поткопа авторитетот на Обединетите нации. Додека некои од сојузниците на Вашингтон од Блискиот Исток се приклучија, многу традиционални западни сојузници останаа настрана.

Прекинот на огнот во Газа постојано се крши, а од неговото започнување во октомври, според палестинските и израелските податоци, убиени се најмалку 580 Палестинци и четворица израелски војници.

Следната фаза од планот на Трамп за Газа вклучува решавање на сложени прашања како што се разоружување на Хамас, кое групата долго време го одбива, понатамошно повлекување на Израел од Газа и распоредување на меѓународни мировни сили.

Во израелските напади врз Газа се убиени повеќе од 72.000 луѓе, според Министерството за здравство на Газа. Нападот предизвика криза на глад и доведе до внатрешно раселување на целото население на Појасот Газа.

Неколку експерти за човекови права, научници и истраги на ОН тоа го нарекоа геноцид. Израел ги нарекува своите постапки самоодбрана по нападот на милитантите предводени од Хамас кон крајот на 2023 година, во кој загинаа 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа земени како заложници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ