Откако започна војната на Израел во Газа против палестинската милитантна група Хамас во октомври 2023 година, Хутите, кои се сојузници на Иран, напаѓаат бродови во Црвеното Море, велејќи дека тоа е чин на солидарност со Палестинците.
Израелските воздухопловни сили извршија нови воздушни напади врз јеменското пристаниште Ходеида во текот на ноќта, објави Ројтерс. Израелците рекоа дека нападите биле одговор на континуираните ракетни напади и напади со беспилотни летала кои припадниците на Хутите ги извршуваат врз Израел во последните недели.
Министерот за одбрана Израел Кац изјави дека израелските вооружени сили напаѓаат „терористички цели на терористичкиот режим на Хутите во пристаништето Ходеида“ и „енергично спречуваат секаков обид за обнова на претходно оштетената терористичка инфраструктура“.
„Јемен ќе ја доживее истата судбина како и Техеран“, рече Кац. „Хутите скапо ќе платат за ракетите истрелани кон Државата Израел. Ќе продолжиме да дејствуваме во секое време и на секое место за да го заштитиме Израел“, додаде тој.
🎯STRUCK: Military targets belonging to the Houthi terrorist regime at the Hudaydah port
🔺Engineering vehicles
🔺Fuel containers
🔺Naval vessels
🔺Iranian smuggled weaponsThe IDF will continue to act decisively against threats—anytime, anywhere.
— Israel Defense Forces (@IDF) July 21, 2025
Според официјалното соопштение, целите на нападот биле градежни машини што работеле на реставрација на пристанишната инфраструктура, резервоари за гориво и бродови што се користат за воени операции и напади врз Државата Израел и бродови во морската област во близина на пристаништето.
Хутите претходно овој месец ја презедоа одговорноста за нападот врз грчкиот брод „Етернити Ц“ во кој загинаа четворица од 25 членови на екипажот. Во мај, САД објавија изненадувачки договор со Хутите во кој Вашингтон се согласи да ги запре нападите врз Јемен во замена за прекин на нападите врз бродовите. Хутите тогаш изјавија дека договорот не се однесува на Израел, пишува Ројтерс.






