Според израелските претставници, до пред неколку дена, владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху сè уште се обидувала да ја ограничи ескалацијата во Либан за да се фокусира на Иран.
Тоа се променило во среда, кога Хезболах лансираше повеќе од 200 ракети во масовен и координиран напад со Иран. „Пред овој напад, бевме подготвени за прекин на огнот во Либан, но по ова нема враќање назад од голема операција“, рече висок израелски функционер.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) одржуваат три оклопни и пешадиски дивизии на либанската граница од почетокот на војната со Иран, а некои копнени сили извршија ограничени упади во последните две недели. Во петокот, ИДФ објави дека испраќаат засилувања на границата и мобилизираат дополнителни резерви пред проширената копнена операција.
„Ќе го направиме она што го направивме во Газа“, рече висок израелски функционер, осврнувајќи се на уривањето на зградите што Израел вели дека Хезболах ги користи за складирање оружје и започнување напади. „Целта е да се заземе територија, да се потиснат силите на Хезболах на север и подалеку од границата, и да се демонтираат нивните воени позиции и складишта со оружје во селата“, додаде функционерот.
Лидерот на Хезболах, Наим Касем, во петокот изјави дека дипломатскиот пристап на либанската влада не успеал да обезбеди суверенитет или да ги заштити либанските цивили и затоа „нема друго решение освен отпор“.
„Кога непријателот се заканува со копнена инвазија, му велиме: ова не е закана, туку една од стапиците во која ќе паднете“, рече Касем. „Бидејќи секој напредок во копнената инвазија им овозможува на борците на отпорот да постигнат добивки и резултати преку блиска конфронтација со непријателот“.
Операција од ваков обем би можела да доведе до долгорочна израелска окупација на јужен Либан, што е длабоко загрижувачко за либанската влада. Администрацијата на Трамп ја поддржува големата операција на Израел за разоружување на Хезболах, но во исто време врши притисок да се ограничи штетата врз либанската држава и се залага за директни израелско-либански разговори за повоен договор.
Американските и израелските претставници велат дека администрацијата на Трамп побарала од Израел да не го бомбардира Меѓународниот аеродром во Бејрут или друга државна инфраструктура за време на операцијата. Израел се согласил да го поштеди аеродромот, но не се обврзал да ја заштити другата инфраструктура.
„Сметаме дека имаме целосна американска поддршка за оваа операција“, изјавил израелски функционер за „Аксиос“. Американски функционер се согласи со тоа: „Израелците мора да го направат она што мораат за да го спречат гранатирањето од Хезболах“.
ИДФ издаде наредби за евакуација низ јужен Либан, вклучително за прв пат и за селата и градовите северно од реката Литани и за упориштето на Хезболах во јужните предградија на Бејрут. Од почетокот на конфликтот, околу 800.000 либански цивили се раселени, а најмалку 773 лица се убиени, многу од нив цивили.
Нетанјаху го назначи поранешниот министер Рон Дермер да управува со досието на Либан за време на војната. Дермер ќе биде задолжен за контактите со администрацијата на Трамп и за сите преговори со либанската влада. Од американска страна, досието го води советникот на Трамп, Масад Булос.
Во последните денови, либанската влада сигнализираше дека е подготвена за директни и безусловни преговори за прекин на огнот. Администрацијата на Трамп се надева дека ќе ги искористи овие преговори како основа за поширок договор што формално би ја прекинал воената состојба меѓу Израел и Либан, која трае од 1948 година.






