вторник, 24 февруари 2026

Израел го предупреди Либан: Не се мешајте во конфликтот меѓу САД и Иран

Израел на индиректен начин го предупреди Либан дека ќе го нападне силно и ќе напаѓа цивилна инфраструктура, вклучувајќи го и аеродромот, доколку Хезболах се вмеша во можен конфликт помеѓу САД и Иран. Оваа порака ја пренесоа во вторник двајца високи либански функционери, додека од канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и од либанското претседателство нема коментар, објави Ројтерс.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Предупредувањето доаѓа во време на зголемени тензии и загриженост поради ризикот од воен конфликт меѓу Вашингтон и Техеран. Третата рунда нуклеарни преговори меѓу Иран и САД треба да се одржи во Женева во четврток, како што најави во неделата министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди.

Израел им нанесе тешки удари на Хезболах, вооружена група поддржана од Иран, за време на војната во 2024 година. Во нападите беше убиен лидерот на групата Хасан Насралах, заедно со илјадници борци, и беше уништен голем дел од нејзиниот арсенал. Хезболах, шиитска муслиманска група, беше основана од Иранската револуционерна гарда во 1982 година.

Новиот лидер на Хезболах, Наим Касем, минатиот месец во телевизиско обраќање изјави дека групата „не е неутрална“ во конфликтот меѓу Вашингтон и Техеран и дека е „цел на можна агресија“. „Решени сме да се одбраниме. Во вистинско време, ќе избереме како да дејствуваме, дали да интервенираме или не“, рече Касем.

Во меѓувреме,американскиот Стејт департмент во понеделник објави дека повлекува персонал кој не е клучен, како и членовите на нивните семејства, од американската амбасада во Бејрут, потврди висок функционер на Стејт департментот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ