„Го променивме нивото на ризик за Украина за да се избегнат патувањата што не се неопходни поради тековната руска агресија и трупањето војници во земјата и на границите околу неа“, се вели во соопштението на канадската влада доцна синоќа.
Москва стационираше повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина, а САД во петокот соопштија дека изразуваат стравување дека Русија подготвува изговор за инвазија на Украина доколку дипломатијата не ги исполни своите цели.
Канадската министерка за надворешни работи Мелани Жоли ќе го посети Киев следната недела за да ја потврди поддршката на Канада за суверенитетот на Украина и да ги засили напорите за одвраќање на руските „агресивни дејствија“, соопштија претходно официјални лица од Отава.
Канадската заменик-министерка за надворешни работи Марта Морган и американската заменик-државна секретарка Венди Шерман разговараа во петокот, најавувајќи дека ќе ја продолжат блиската координација со цел да се одврати понатамошната руска агресија врз Украина и ја повикаа руската страна на деескалација.
Откако минатата недела завршија разговорите меѓу Соединетите Држави, нивните европски сојузници и Русија, американските власти предупредија дека ризикот од руска инвазија во Украина останува висок.
Канадскиот премиер Џастин Трудо во вторникот разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски и „нагласи дека секој воен упад во Украина ќе има сериозни последици, вклучително и координирани санкции“.
Канада воведе санкции за повеќе од 440 поединци и субјекти поради анексијата на Крим, потсетува Ројтерс.






