Иако првично беше замислен да го консолидира прекинот на огнот во Појасот Газа, Трамп верува дека Мировниот одбор треба да преземе поширока улога во решавањето на глобалните конфликти, што доведе некои земји да стравуваат дека би можел да стане ривал на Обединетите нации.
Тоа, заедно со фактот дека Русија и Белорусија се поканети да се приклучат, е причината зошто многу западни земји имаат претпазлив пристап.
„Со оглед на одредени национални загрижености за формата на одборот, во овие околности Полска нема да се приклучи на работата на Мировниот одбор, но ние ќе го анализираме“, изјави премиерот Доналд Туск на седница на владата.
„Нашите односи со Соединетите Американски Држави беа и ќе останат наш приоритет, затоа, доколку околностите се променат за да се овозможи приклучување кон работата на одборот, не исклучуваме ниту еден сценарио“, додаде тој.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денес потврди дека Италија нема да се приклучи на иницијативата на Трамп. „Не можеме да се приклучиме кон Мировниот одбор бидејќи постои непремостлива уставна пречка од италијанска страна“, изјави тој за информативниот телевизиски канал Скај ТГ24.
„Сепак, ако треба да работиме на напорите за реконструкција за да обезбедиме мир на Блискиот Исток, ние сме подготвени да го сториме тоа“, додаде тој.
Според уставот на Италија, државата може да се приклучи кон меѓународни организации само под еднакви услови со другите земји – услов за кој Рим вели дека не е исполнет со сегашната повелба на одборот, која му дава на Трамп широки извршни овластувања.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која е блиска до Трамп, минатиот месец изјави дека го замолила да ги промени условите на Мировниот одбор со што ќе ѝ се озвозможи на Италија да се приклучи.






