„Можноста за испраќање помош за Украина истекува на 31 декември, па затоа ќе биде издаден декрет“, рече Мелони на крајот од посетата на Бахреин, кога беше прашана за одложувањето да се донесе закон во врска со испраќањето помош за Киев, објави Анса.
Таа нагласи дека Италија ќе ѝ помогне на Украина да се брани од „агресорот“.
„Ова (декретот) не значи работа против мирот. Тоа значи дека, сè додека трае војната, ние ќе ѝ помагаме на Украина да може да се брани од агресорот“, рече таа.
Според неа, за да се случи ова, се одржани неколку состаноци на кабинетот.
„Секогаш се обидуваме да дистрибуираме мерки на состаноците на кабинетот, така што работиме на она што е најитно. Тоа е логистичко прашање“, додаде Мелони.
Крајнодесничарската партија Лига, која е дел од владејачката коалиција на Џорџа Мелони, изрази сомнежи во врска со продолжувањето на обезбедувањето воена помош за Киев, објави агенцијата.
Заменикот на Џорџа Мелони, Матео Салвини, лидер на Лига, вчера изјави дека помошта за Украина нема да ја заврши војната со Русија и може да ја поттикне корупцијата, алудирајќи на скандалот со проневера што ја потресе владата во Киев.
Салвини воспостави блиски врски со Русија пред нејзината инвазија на Украина и, иако досега ја поддржуваше одлуката на Мелони да испраќа воена помош, избегнуваше директно да го критикува рускиот претседател Владимир Путин.






