Интервенцијата на Рим, третата најголема членка на ЕУ по бројот на население и гласачка моќ, доаѓа помалку од една недела пред клучниот состанок на лидерите на ЕУ во Брисел и сериозно ги поткопува надежите на Европската комисија за постигнување договор за планот.
Европската комисија сака земјите-членки да постигнат договор на самитот на Европскиот совет на 18-19 декември, така што милијарди евра руски девизни резерви, кои се чуваат во белгиската банка „Еуроклеар“, ќе можат да бидат ставени на располагање на Украина за да ѝ помогнат на нејзината економија разурната од војната.
Белгиската влада се двоуми веќе некое време, плашејќи се од високата цена што ќе ја плати во случај на арбитражна пресуда во корист на Русија. Но, досега немаше силен сојузник.
Тоа сега се промени откако Италија, заедно со Белгија, Малта и Бугарија, изготвија документ со кој ја повикуваат Европската комисија да разгледа алтернативни начини за финансирање на Украина во наредните години, наместо да користи замрзнати руски средства.
Четирите земји рекоа дека „ги покануваат Комисијата и Советот да продолжат да истражуваат и дискутираат за алтернативни опции во согласност со правото на ЕУ и меѓународното право, со предвидливи параметри и значително пониски ризици, со цел да одговорат на финансиските потреби на Украина“.
Ова е таканаречениот план Б, кој би подразбирал заедничко задолжување од страна на Европската Унија со цел финансирање на Украина во наредните години.
Но, оваа идеја има и голем број проблеми. Критичарите предупредуваат дека тоа дополнително ќе го зголеми веќе високото ниво на јавен долг во Италија и Франција, а исто така бара едногласна одлука, што значи дека може да биде блокирана од унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Иако овие четири земји, дури и со евентуална поддршка од Унгарија и Словачка, нема да можат да формираат блокирачко малцинство, нивните јавни критики ги ослабуваат шансите на Европската комисија да постигне политички договор уште следната недела.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони досега постојано ги поддржуваше санкциите против Русија, но коалицијата што ја предводи е поделена кога станува збор за поддршката на Украина. На пример, вицепремиерот Матео Салвини го поддржа планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Украина.
Во дополнителни критики, Белгија, Италија, Малта и Бугарија изразија скептицизам кон идејата Европската комисија да посегне по вонредни овластувања за промена на постојните правила за санкции и долгорочно да ги задржи руските средства замрзнати.
Иако вчера гласаа за одлуката за трајно замрзнување на руските средства, тие нагласија дека се претпазливи во врска со следниот чекор, односно, фактичката употреба на руските средства. „Таквото гласање во никој случај не ја прејудицира одлуката за можна употреба на имобилизираните руски средства, која мора да се донесе на ниво на лидери“, напишаа четирите земји.
Правниот механизам за долгорочно замрзнување на средствата е дизајниран да ја намали можноста проруските влади во рамките на ЕУ, како што се оние во Унгарија и Словачка, да ги вратат овие средства во Русија во иднина.
Официјалните лица велат дека законскиот заобиколен пат ги намалува шансите на Кремљ да ги врати своите средства како дел од евентуален мировен договор по војната, дополнително зајакнувајќи го планот на ЕУ за користење на средствата.
Но, Белгија, Италија, Малта и Бугарија предупредија дека таквата правна клаузула „имплицира многу далекусежни правни, финансиски, процедурални и институционални последици што би можеле да одат многу подалеку од овој конкретен случај“.






