Според новото правило, луѓето кога се надвор ќе мора да ги покриваат носот и устата само кога се во гужва. Претходно ова правило се применуваше и на отворено и на затворено, без разлика на состојбата со коронавирусот на терен. Во затворен простор и во јавниот превоз маските сè уште се задолжителни.
Од денеска ќе се отворат и италијанските ноќни клубови, а за влез потребна е ковид-потврда. Минатата година, поради пандемијата, ноќните клубови беа долго затворени, а во меѓувреме можеа да се отворат со помала посетеност.
„Само оние што преживеале ќе продолжат да работат“, изјави за новинската агенција АНСА во четвртокот Маурицио Паска, претседател на деловното здружение Силб, кое исто така ги претставува сопствениците на диско клубовите.
На туристите кои пристигнуваат во Италија од земјите на ЕУ им треба негативен тест за коронавирус, доказ за вакцинација или доказ за преболен ковид-19 за да влезат во земјата, а доказ за статусот е потребен и во многу туристички места, како што се музеи, ресторани како и во јавниот превоз.
Во Италија, земја со околу 60 милиони жители, вонредната состојба е на сила и истекува на 31 март. Засега не се знае дали владата ќе ја продолжи.
Ако заврши, некои ограничувања би можеле да завршат наскоро. Владата донесе само регулатива со која се бара лицата постари од 50 години да се вакцинираат против коронавирус до средината на јуни оваа година.






