сабота, 6 декември 2025

Истражување: Половина Европејци го гледаат Трамп како непријател на Европа

Речиси половина од Европејците го сметаат американскиот претседател Доналд Трамп како „непријател на Европа“, малку повеќе од нив го оценуваат ризикот од војна со Русија како висок, додека повеќе од две третини веруваат дека нивната земја нема да може да се одбрани во случај на таква војна, покажа ново истражување.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Истражување спроведено во девет членки на ЕУ за платформата за европска дебата за европски прашања Гран континан со седиште во Париз покажало дека речиси три четвртини од испитаниците сакаат нивните земји да останат во ЕУ. Речиси ист број мисли дека излегувањето од Унијата ѝ нанесло штета на Велика Британија, пренесува британскиот весник Гардијан.

Основачот на агенцијата Кластер17, која го спроведе истражувањето, Жан-Ив Дормажан, рече дека Европа не само што се соочува со растечки ризици, туку и минува низ трансформација на својата историска, геополитичка и политичка средина.

„Целокупната слика (на анкетата) ја прикажува Европа како загрижена, длабоко свесна за своите ранливости, која се бори позитивно да ја проектира својата иднина“, рече Дормажан.

Во девет земји во просек 48 отсто од испитаниците го гледаат Трамп како отворен непријател, при што најмногу во Белгија (62 отсто) и Франција (57), а најмалку во Полска (19) и Хрватска (37).

„Низ целиот континент, „трампизмот“ очигледно се смета за непријателска сила“, рече Дормажан, додавајќи дека помалку луѓе денес отколку пред една година го опишуваат Трамп како „ни пријател ни непријател“, а повеќе како непријателски настроен.

Сепак, Европејците сè уште ги сметаат односите со САД за стратешки важни, а кога беа прашани каков став треба да заземе ЕУ кон американската влада, речиси половина од нив рекоа дека се за компромис.

Истражување на ставовите на граѓаните на Франција, Италија, Шпанија, Германија, Полска, Португалија, Хрватска, Белгија и Холандија, исто така, покажа дека 51 процент го гледаат ризикот од војна со Русија во наредните години како висок, а 18 проценти сметаат дека е многу висок.

Дормажан рече дека таков исход „би бил незамислив пред само неколку години и сигнализира промена во европското јавно мислење како нов геополитички режим во кој можноста за директен конфликт на континентот е широко прифатена“, објави Гардијан.

Дека опасноста од војна е голема сметаат 77 отсто од испитаниците во Полска, 54 отсто во Франција, 51 отсто во Германија, 39 отсто во Португалија и 34 отсто во Италија.

Во исто време, довербата во националните воени капацитети е ниска во сите земји, а во просек 69 отсто во девет земји сметаат дека нивната земја „не е многу“ или „воопшто не е“ способна да се одбрани од руска агресија.

Исто така, постои широко распространето чувство на ранливост, при што само 12 отсто од анкетираните велат дека не се чувствуваат особено загрозени од бројни несигурности, од технолошки и воени до енергетски и прехранбени.

Анкетата, исто така, покажа дека испитаниците во сите земји опфатени со анкетата го поддржуваат членството на нивната земја во ЕУ, со најголем број во Португалија (90 отсто) и најмал број во Франција (61).

Кога станува збор за Брегзит, 63 отсто од испитаниците мислат дека тоа негативно делувало на Британија, а само 19 отсто дека било позитивно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ